Молкот настапува на полноќ!

Референдумскиот молк почнува на полноќ меѓу четврток и петок (27/28 септември), 48 часа пред денот на гласање во недела, на 30 септември 2018.

До полноќ, Владата, опозицијата, медиумите, граѓанските организации, политичарите и активистите, и оние ЗА и бојкотирачите, мораат да завршат со кампањите, јавната пропаганда и агитација. Во спротивно, според  Изборниот законик следуваат санкции за секој вид кршење на референдумскиот молк.

Во текот на референдумскиот молк, заклучно со недела до 19 часот, кога се затвораат избирачките места, сите инволвирани субјекти престануваат со ширење информации, фотографии и друг вид аудиовизуелни материјали поврзани со учесниците во референдумскиот процес.

Референдумскиот молк е време и простор оставен на граѓанките и граѓаните да размислат и самостојно, во демократски дух, да одлучат како и дали ќе гласаат во недела.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани секое кршење на молкот да го пријават на  070/461 480 и 02/5209 176 или на веб страницата Слободни избори.

ЦИВИЛ интензивно и будно ќе го мониторира и референдумскиот молк и бурно ќе реагира на секое негово прекршување. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ останува на располагање на медиумите и граѓанките и граѓаните за сите информации поврзани со референдумот.

На денот на гласањето, ЦИВИЛ ќе отвори прес центар во 6 часот наутро и ќе биде отворен до полноќ. Прес центарот ќе биде интегриран со Тимот за анализи и координација.

Print Friendly, PDF & Email