Македонска дилема: Сиромав патриот или богат „предавник“?

Додека делев флаери пред платото на Универзитетот на ЈИЕ (кај некогашната стоковна куќа „Мост“) за мобилизирање на граѓан(к)ите да бидат дел од мониторинг тимот на ЦИВИЛ за изборите на 11-ти декември, до инфо-штандот пријде еден повозрасен господин, да види што се случува. И некако, јас веднаш станав „синко“, а тој „чиче“...

деки

Пишува: Дехран Муратов

Му нудам флаер и почнувам да му објаснувам како може да аплицира. Но, чичето веднаш ме прекина: „А, бе синко, јас ќе заминам во Швајцарија во тој период, нема да бидам тука“.

Му велам дека тоа е супер, му посакувам среќен пат, и му објаснувам дека може да го земе флаерот, да им го даде на неговите деца, внуци, на комшиите или пријателите... Секому што ќе сака да придонесе за одржување на фер и демократски избори, да се сменат работите...

„Синко, не се менуваат работите кај нас. Затоа, и ќе заминам во Швајцарија, затоа што тука неработникот е на државна работа и зема плата, а во странство е обратно... Пари му се даваат и на тој што работи, а не само на тој што седи во фотелја. Јас бев доктор, но ме избркаа во 1996 година, и оттогаш, знаев дека нема правда и дека судството во Македонија е и ќе биде под целосна контрола на моќниците“, ми вели.

На прашањето зошто го избркале, ми вели дека тоа е нешто што нормален човек не може да го сфати... „Јас бев единствениот што не земаше мито и тоа им беше проблем на колегите, бидејќи им правев проблем со пациентите, им го расипував 'просекот'“, се смее чичкото, онака, од мака...

И продолжува резигинирано... „Знаеш ли дека државата ме направи и перфектен крадец? Откако останав без работа, бев принуден да работам градежни работи, претежно за изградба на цркви...“

Веднаш барам да ми го задоволи љубопитството: како станал крадец ако гради цркви?

„Добро, можеби во буквална смисла не сум крадец, но, ако видам некој сувенир или добра градба, потоа јас ја копирам некаде, при изградба на странски храмови, а тоа прави да се чувствувам како крадец, затоа што ја 'пренесувам' нашата богата градба...“

На прашањето како добил работна виза, ми вели дека има бугарски пасош, што го извадил дури сега, откако никако не можел да најде работа тука.

„Не се чувствувам како предавник на македонштината! Напротив, јас сум херој на оваа држава. Ќе ме прашате како тоа, херој. Еве пример, овие што заминуваат да работат во Авганистан, сите вадат бугарски пасоши, затоа што откако ќе им заврши работниот ангажман, не се враќаат да работат за 200 евра, туку си заминуваат во Европа за да работат за 1.200 евра“, ми вели чичето.

„Јас сум патриот цел живот, а уште поголем патриот сум од 1996 година, сé до денес... Тоа се цели 20 години. Не сакав да земам бугарски пасош. Но, дојде време кога имаш само две опции, сиромав патриот или богат 'предавник'...“, резигнирано ми вели чичето.

„Ти си млад, и треба, убаво е да си ја сакаш државата, но, оваа држава не ги сака добрите и паметните. Би те советувал да не изгубиш и ти, 20-30 години од твојот живот, како мене, туку што е можно поскоро, да си заминеш од државата... Да не му работиш на Груевски за 150 или 200 евра. Замини во странство! И биди македонски херој, со тоа што ќе им испраќаш пари на твоето семејство, а тие ќе ги трошат во Македонија...“, ми порача новиот пријател, на заминување.

Не стигнав да му одговорам. Не знаев како...

 

 

Print Friendly, PDF & Email