Македонија, ден пред денот „Д“

Дали Македонија ќе оди на избори во декември оваа година е главното прашање на кое треба да одговорат четирите најголеми политички партии – потписнички на Договорот за надминување на политичката криза во Република Македонија?

Македонската јавност очекува решенија кои треба да ѝ стават крај на неизвесноста и на политичката криза. Решенија очекува и меѓународната заедница, која посредува во спроведувањето на Договорот од Пржино.

Но, каков ќе биде исходот? Ќе има избори на 11 декември, или ќе продолжат изборните калкулации? И кои се перспективите?

Ни политичките експерти се неволни да прогнозираат каков ќе биде исходот од утрешната лидерска средба.

„Сметам дека одиме кон избори во декември, но тоа сепак не е 100 отсто сигурно. Ако постигнат договор, ќе се оди на избори, ако не се постигне договор тогаш се поставува прашањето која ќе биде судбината на Специјалното јавно обвинителство. Мислам дека одлагање на изборите на кое би инсистирале ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поврзано со некаков „смут“ што ќе го прават околу статусот и потребите на СЈО. Македонија не е демократска држава и ние се обидуваме овде да ги дигнеме што повисоко стандардите, за да добиеме што пофер избори. Но, фер избори нема да имаме, бидејќи важни елементи за фер избори не може да се коригираат до декември. Но, ние како општество и како политички систем сме доведени во ситуација да прифаќаме и половични решенија, за да го спречиме, на некој начин, понатамошното тонење на системот во злоупотреби. Според тоа, ние фер избори нема да имаме, но се надевам дека до декември ќе имаме услови за што е можно пофер избори“, оценува политичкиот аналитичар, д-р Сашо Орданоски.

И за правните стручњаци неизвесен е епилогот на утрешната лидерска средба, ако се имаат во вид сите премрежија и фази низ кои помина Договорот од Пржино.

trapped and sinking - Copy„Несомнено, датумот за избори претставува сериозна шанса за излез од политичката криза. Но, искористувањето на оваа, веројатно последна шанса, повторно и повторно (како и сѐ друго во изминатава деценија) ќе зависи најмногу од однесувањето на најголемата владејачка партија и од тоа колку оваа партија е подготвена да се излезе од политичката криза.
Во тој контекст, во задушлива атмосфера на партизација на јавната администрација, поистоветување на  партијата со државата, контролирани медиуми, државни и судски органи и сите, буквално сите учесници во изборите, ќе мора да работат и да се однесуваат во согласност со Уставот, законите, па и моралните норми. Во спротивно, одржувањето на најавените избори како фер и демократски, ќе биде само уште една илузија и уште една пропуштена шанса за излез од политичката криза“, смета правната експертка Сандра Гавриловска.

Оценките на професионалците во медиумската сфера се дека ниту со ад-хок телото, (кое ни со денешното повлекување на Даут Даути како кандидат за петти член, не е комплетирано, ден пред лидерската средба), ниту со именувањето на главниот уредник на информативната програма на јавниот сервис МТВ на предлог на опозицијата нема да се обезбеди балансирано предизборно известување. Инаку, денеска струи гласиште дека Санта Аргирова ќе ја врши оваа функцијата во избори.

„Со благите санкции и методологијата која е фокусирана на балансот, а не на квалитетот на информирањето (правото на информиран избор е најважно во овој контекст, а е недоволно адресирано), со само делумно адресирање на суптилните форми на фаворизирање или стигматизирање кои ги владеат медиумите, ад-хок медиумското тело ќе има мошне мали шанси да се наметне како „судија” во нашата медиумска џунгла. Далеку се поголеми шансите тоа да заврши како тело за „легитимирање” на кредибилитетот на изборите од медиумски аспект. Сепак, и покрај ограничувачкиот „терен за играње”, ова тело може да постигне повеќе – доколку демонстрира интегритет, непопустливост кон партиските интереси и гласност; доколку комуницира далеку почесто и поинтензивно со граѓаните и медиумите отколку што е тоа вообичаено за државни институции; доколку се обиде да едуцира и описменува; доколку „гине“ со срце за граѓаните и јавниот интерес. Дали тоа ќе биде така, и покрај ограничувањата, ќе зависи пред сѐ, од личните капацитети и интегритетот на членовите на ова тело“, анализира Петрит Сарачини, новинар и граѓански активист, еден од кандидатите за петти член на ад-хок телото за медиуми.

clock is ticking xhd - Copy

А, епилогот на утрешната средба го очекуваат, впрочем, најмногу граѓанките и граѓаните, „обичните“ луѓе врз чиј грб се слеваат сите злоупотреби на власта. Онаа македонска јавност, граѓански организации и здруженија, авангардната младина и интелектуалното македонското јадро кое се солидаризира во Шарената револуција и на улиците ја побара правдата, ги испратија пораките за бескомпромисно враќање на демократијата во државата. Но, кои се позициите на граѓанското општество токму денеска, ден пред конечната одлука?

„Граѓанското општество во Македонија нема избор. Постојано е туркано кон маргините на општеството, а уделот во процесите на донесување важни одлуки е еднаков на нула. Сепак, граѓанското општество покажа виталност и интегритет во изминатите две години и успеа да се наметне како фактор. Иако не е директно вклучено во процесите на одлучување, тоа го искажа својот став на улица, нешто со кое секој политичар кој седнува на жешкото преговарачко столче е практично присилен да го има предвид или барем да калкулира со гласот на улицата. Кога велам граѓанско општество, под тоа секако ги подразбирам сите облици на граѓанско здружување и делување, а не само здруженијата на граѓаните“, оценува Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода.

Часовникот одбројува!

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email