Лажните ветувања на Владата на Груевски

Пред две години, тогашниот министер за финансии во Владата на Груевски, Зоран Ставрески во ек на изборната кампања, како носител на листа на владеачката коалиција во Изборната единица број 4, на големи ѕвона најави изградба на експресен пат од Градско за Прилеп во должина од 28 километри

„И во новата програма има проекти за Прилеп, коишто се значајни и коишто ги бараа вашите бизнисмени, проекти со кои ќе овозможиме подобри услови за бизнисот во Прилеп, за да се отвораат работни места и да има инвестиции. Еден таков крупен проект е проектот за изградба на експресен пат од Градско до Прилеп, комплетно нов пат 28 километри, со којшто ќе се избегне клисурата и ќе се направи модерен пат со четири ленти со коишто Прилеп ќе биде подобро поврзан. Тоа е дело на Миле Јанакиески и на екипата којашто се бореше сите овие години за Прилеп“, рече тогаш Ставрески.

 

Но, и по две години од овие ветувања, останаа само видео-клиповите на Јутјуб, како фактички потсетник за лажните ветувања на владата на Никола Груевски, на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, чии членови се дел од истражните постапки на СЈО поврзани со кривични дела за корупција, криминал...

Навистина, Ставрески во меѓувреме поднесе оставка од здравствени причини. Во историјата замина и Јанакиески, тогаш популарниот, а сега само спомен од министерот за транспорт и врски со прилепско потекло, кој е дел од истражните постапки на СЈО за одредени кривични дела. Неговите сограѓани ќе го паметат не само по тоа што во 10 години менаџирање со Министерството за транспорт и врски, не успеа да го реконструира патот од Градско до Прилеп, туку и по наводите од „бомбите“ на СДСМ полни со жестоки закани за стопанствениците, кои нема да го следат словото на Партијата и волјата на врхушката.

На интернет страницата од Јавното претпријатие за државни патишта може да се најде информацијата, според која, во мај 2012 е завршен проектот за инфраструктура и основниот проект за експресниот магистрален патен правец од Градско до Дреново во должина од 32,81 км во вредност од преку 263.2 милиони денари.

Но, очигледно е дека до негова реализација нема да дојде. Затоа што со санкциите од Брисел, и по одлуката на ревизорскиот суд на ЕУ, освен тие 27 милиони евра за државните институции, скратени се и 35 милиони евра наменети за изградба на експресниот пат Градско –Прилеп и за пругата до Бугарија.

Во време кога Брисел ги скрати парите од претпристапните фондови на ЕУ за Македонија, соседните држави: Србија, Косово и Албанија, како што најави вчера во Париз, еврокомесарот Јоханес Хан, ќе добијат 96 милиони евра за железничка инфраструктура и 50 милиони евра за т.н. зелени проекти. И не само тоа, еврокомесарот за проширување на ја спомена Македонија во својот говор, што значи дека се потврдуваат најавите за спроведување на сукцесивни санкции од ЕУ, доколку не се понуди излез од политичката криза и доследно спроведување на Договорот од Пржино.

Според тоа, додека соседите инкасираат грантови од ЕУ и реализираат капитални инфраструктурни проекти коишто се база за економски развој на државите и за нивно поврзување на Западен Балкан, Македонија со оваа Влада само го копа својот бунар во којшто без сомнение ќе се удави, доколку навреме не го затрупа.

М. Талеска

Print Friendly, PDF & Email