Крик до јавноста

Како до слобода, демократија и правда?

Очигледно е дека во Република Македонија не функционира ништо освен партискиот апаратус воспоставен од осомничените во истрагите на СЈО - Груевски и неговите соучесници.

Очигледно е дека највисоката институција во земјата, Собранието на РМ, е парализирана.

Очигледно е дека администрацијата не функционира, освен како партиско месо за ширење омраза и поделби, националистичка хистерија и заштита на осомничените за криминал, корупција, насилство и изборни измами. Нив ги предводат проѕирни манипуланти, добро платени со наши пари.

Очигледно е дека партиската судско-полициска машинерија и институциите за финансиска контрола се впрегнати во сеење страв и притисоци со истите цели како и манипулантите на улиците.

Очигледно е дека невладините фолиранти и мастодонти на општествената сцена немаат идеја, а веројатно уште помалку храброст, да ги изодат последните чекори кон враќање на демократијата и владеењето на правото.

Стотици илјади граѓанки и граѓани што со години одлучно маршираа за слобода, демократија и правда сега се притаени и делумно збунети. Некои станаа жртви и на манипулациите и евтините, но не помалку опасни политички трикови на Груевски и неговиот послушник, узурпаторот на претседателската функција, Ѓорге Иванов.

Едно мора да стане јасно..

Тешко спечалената победа на пркосните граѓанки и граѓани над авторитарниот и криминален режим мора да се брани секој ден, на секоја педа од нашата заедничка земја.

Не смееме да дозволиме политичките манипулации на националистите на обете страни да ни ја украдат слободата која се чини дека е на дофат, но сè уште далеку поради блокадата на системот.

Потребна е гласност!

Гласност на секој поединец, акција на секој поединец.

Не смееме да дозволиме да завладеат стравот и незнаењето. Не смееме да дозволиме да завладее насилството, а токму тоа е целта на криминалците.

Мораме да разговараме меѓу себе. Треба да им се обратиме на сите што ги познаваме, да споделиме информации за сè што се случува, да ги разобличиме сите што сакаат да опстане владеењето на стравот и криминалот, но и на оние што удобно се навалени во своите скапи фотелји и се оддадоа на уживање во своите функции.

Споделете ги своите идеи за излез од овој кошмар и бидете гласни.

Имате прашања или сте револтирани од пораките на партиите што тврдат дека ги застапуваат Албанките и Албанците? Погледнете подобро. Прашувајте и барајте искрени и точни одговори. Имате право на тоа!

Имате сознанија или сте мета на притисоци и заплашување? Споделете ги. Барајте тие да престанат. Имате право на тоа!

Имате сомнежи за политичарите на едната, другата или третата страна? Кажете го тоа и барајте транспарентност и чесност. Имате право на тоа!

Проговорете!

Предложете што треба да направиме сите заедно. Повикајте ги оние што протестираат на разговор. Ќе разговараме за сите проблеми, за сите закани, за сите сомнежи.

Најважно од сè е да се вратат слободата, демократијата и правдата.

Сите имаме право на тоа!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian