Континуирано и систематско кршење на човековите права

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на РМ денеска започна со јавна расправа на тема „Анализа за почитување на уставно загарантираното право на презумпција на невиност, наодите за злоупотреба на притворот, загрозување на слободата на изразување и медиумските слободи и правото на изразување јавен протест во РМ“. На покана на Комисијата, во расправата учествуваше и претседателот на Цивил Џабир Дерала, кој ги изнесе ставовите на организацијата во однос на поставената тема. Во продолжение,  во целост го објавуваме обраќањето на Дерала.

Xhabir Deralla, CivilДолготрајните проблеми кои го корумпираат системот во неговата суштина го урнаа квалитетот, легитимноста и ефективноста на институциите во Република Македонија. Тоа се континуирани политики и практики кои се длабоко вкоренети во институциите и однесувањето на центрите на моќ кои на граѓанките и граѓаните не им дозволуваат да имаат ниту налик на нормален живот во демократско општество. Последица на тоа е континуирано и систематско кршење на човековите права и слободи, супституција на владеењето на правото со партиско владеење и ерозија на демократијата. Во услови на комплетна политизација на институциите и општеството, каде политичките партии застапуваат интереси и спроведуваат мерки исклучиво во заштита на тесен круг моќници, развојот на општеството е практично невозможен.

Се врши континуиран и систематски притисок или отстранување на независни судии и нивно заменување со партиски послушни кадри. Мерките и процесите кои се промовираат во областа на правосудството се само површни и козметички зафати. Последица на тоа е спроведување на селективна правда и употреба на правосудството како алатка за заплашување на народот и пресметка со неистомислениците. Силната контрола на безбедносните структури влијае на општата сигурност во земјата и предизвикува недоверба во институциите. На ова се надоврзува крајно сомнителниот карактер на изборните процеси кои на гласачите не им дозволуваат слободно да ја искажат својата волја.

Заплашување, притисоци и корупција на медиумите, односно новинарите и уредниците, до нивно судско и јавно прогонување и жигосување катастрофално влијае на слободата на изразувањето и медиумите.

Потполната окупација и партиското брендирање на јавниот живот и јавниот простор дополнително влијаат на создавање атмосфера на страв и поделби кај народот.

Овие и низа други неспоменати процеси, политики и практики длабоко го разнишаа владеењето на правото во земјава и придонесоа низа фундаментални права и слободи да станат непознаница за граѓаните, нешто што во секојдневниот живот на луѓето се споменува како горчлива шега или како утопија која никогаш не му била судена на народот. Тоа доведе до апатија и пасивност, широко распространет страв и послушничко однесување.

Неодамна, Цивил објави извештај за состојбата на човековите права и слободи во кој токму стравот кој владее меѓу народот беше еден од показателите дека состојбите се отидени предалеку и под нивото на подносливост. Извештајот говори за масовна дискриминација по низа основи од кои се издвојува дискриминацијата врз основа на политичка афилијација како најзагрижувачка и доминантна.

Извештаите и анализите на релевантни институции и организации во светот и кај нас континуирано укажуваат на големи проблеми во доменот на владеењето на правото, како и катастрофални состојби во сферата  на слободата на изразувањето и медиумите.

Ваквиот систем има сеопфатен приод кон структурите и поединците кои размислуваат и делуваат критички во општеството. Правото на презумпција на невиност грубо се повредува на многу различни начини. Со спектакуларните апсења и изјавите кои веднаш потоа следат од официјални лица и функционери, станува очигледно дека пресудата за тие лица е веќе напишана и дека уапсените не можат ни да сонуваат за фер и непристрасно судење. Одредувањето и бескрајното продолжување на мерката притвор стана фрапантно вообичаена пракса и претставува уште еден елемент кој говори за повредата на ова право.

Притворот се претвори во уште еден суров инструмент за пресметка со неистомислениците и воедно е жестока опомена до сите останати. Со ваквата примена на притворот, особено затоа што е придужено со агресивни методи на јавно жигосување и осуда, практично се суспендира правото на граѓанинот да ја докаже својата невиност. Овие состојби ја вброија Македонија во редот на земјите во кои има политички затвореници меѓу кои се наоѓаат и двајца новинари кои се осмелија да размислуваат и пишуваат поинаку.

Во спектакуларна полициска акција пред три години се затвори една независна национална телевизија и три дневни весници. Но, тоа не беше крајот, туку почетокот на вртоглавиот пад на медиумските слободи во Македонија. Безмалку сите останати медиуми се на некој начин затворени како последица на однесувањето на владата која паралелно со притисокот и уцените врз новинарите врши и своевидна корупција на медиумите преку владините кампањи чиј карактер и содржина се особено тажна приказна.

Владата ги партизираше практично сите институции, а исклучок не е ни највисокото регулаторно тело, Советот за радиодифузија во кое се изврши директен партиски упад пред две години. Малкуте преостанати медиуми кои може да се наречат независни и професионални се под постојан притисок, како политички и јавен, така и финансиски, ако ги имаме предвид соменинијата дека комерцијалните огласувачи се обесхрабруваат да се рекламираат во тие медиуми.

Со овој краток осврт само површински ги начнав сериозните проблеми во овие области. Овие состојби нема да им донесат ништо добро на граѓаните на оваа земја, вклучително и на креаторите на Македонија таква каква што е денес.

Продлабочувањето и продолжувањето на овие и ваквите политики и практики ќе ја втурнат Република Македонија онаму каде што, се надевам, никој во овој дом не сака да ја види, а тоа е земја во изолација, недемократска, неразвиена и со сериозни безбедносни ризици.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English