Калимеро, заглавен во лифт

„Анти-ЕУ тирадата на македонскиот претседател, повеќе треба да се смета за потег наменет за домашната политичка сцена, отколку како отфрлање на Брисел. Претседателот Ѓорге Иванов е близок до владејачката партија на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во јануари мораше да се повлече, по обвинувањата за корупција.

Пишува: Синиша Станковиќ

Пишува: Синиша Станковиќ

Внатрешно-политички, Иванов на Груевски може да му помогне - само доколку очајната економска состојба во земјата ја поврзува со бегалскиот бран и наводниот недостаток на помош од ЕУ... “, пишува, меѓу другото, „Зидојче Цајтунг“, во една од бројните реакции на интервјуто на македонскиот претседател за најтиражниот германски весник, таблоидот „Билд“.

Во шокантното интервју, досега молчаливиот македонски претседател, кој на изненадување на луѓето кои го познаваа од времето на неговата професура, редовно и беспоговорно, ги аминуваше сите одлуки на извршната власт, сега реши да ги вади костените од оган за Фамилијата, да им дели лекции на ЕУ и на меѓународната заедница, и трагикомично, како Калимеро, да ја жали Македонија и да извика - „Никој не не сака“!

Кутриот прв жител на државата која сам ја нарекува „предадената и напуштена земја“, човекот кој збор не кажа за десетогодишното национално предавство со трошењето на шест или седум стотини милиони евра од парите на граѓаните - за карикатуралното билдање на некаков нов национален идентитет, (период во кој се киднапираа институциите, се партизираше и последната клетка на државата, и паралелно, поради неписменост&недоветност на апаратчиците со партиска униформа или поради гол  криминал, беа девастирани јавното здравство, полицијата, судството, образованието, дипломатијата, економијата...), ниту за 600 илјади луѓе кои не обѕирајќи се, избегаа од Татковината, роднините, пријателите, сопственото минато...

Иванов прогласен за почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан

Ничим изазван, Иванов апансас реши (или, сепак, го поттурнаа да киниса?) да му се обрати на Светот, за да ја раскара Македонија со сите оние од кои очекува помош?!

Реакциите од Германија се децидни дека Иванов се обидел да ја искористи позицијата на Македонија во бегалската криза за да обвини дека „неговата земја отсекогаш била жртва на институциите на ЕУ“, но и дека „сметката која Македонија може да и ја испорача на ЕУ, почнува и завршува на граничната ограда“. Зашто, и на домашната политичка сцена и во Брисел, на кого Иванов е толку напизмен, и покрај сите очајнички обиди на медиумските подпопашници на македонската власт, веќе превладува мислењето дека по деценијата владеење на Груевски – „името не е повеќе најголемиот проблем. Државата се претвори во автократска структура. А во тој дел, и Брисел помогна. Долго време го фалеше Груевски како економски вундеркинд на Балканот, наместо да ги критикува неговите антидемократски дефицити“

Иванов со Ангела Меркел

Не дека Македонија не била жртва на туѓи политики, но сепак, успевала да се соочи на вистински начин и да излезе од наметнатите проблеми, како во 1999 година, кога прими 360.000 косовски бегалци, што и според „Зиддојче Цајтунг“,  во однос на населението на сиромашната држава - беше огромна бројка. Јасно е и дека ЕУ, поради напластените внатрешни слабости, непочитувањето на сопствените критериуми при приемот на членките, веќе 25 години води лицемерна политика кон Македонија, како и дека аздисаноста на дел од ЕУ функционерите и очебијната неспособност на ЕУ-институциите да се справат со кризата околу бегалците, го куражи Иванов и оние кои го навеле на ваков чекор, да ја засилуваат еврофобијата, да ги штанцаат теориите на заговор и да ја форсираат „логиката“ на маалскиот плачко, дека никој не го сака, а тој е толку добар&личен...  Ама, „ќе видите сите вие, кога....!“

Посебно прашање се парите. Иванов тврди дека плаќајќи за грешките на ЕУ, Македонија потрошила 25 милиони евра на даночните обврзници и дека ништо не добила од Европа. „Ниту еден цент! А сега уште мораме како земја која не е членка на ЕУ, да ја штитиме Европа од членка на ЕУ, имено Грција“, резигниран е Иванов.

„Сакаме да потенцираме дека земјата од 2007 година досега добила поддршка во износ од околу 900 милиони евра“, изјави портпаролката на Европската комисија, според која, дел од тие пари биле наменети и за заштита на границата и азил, а портпаролот на германската Влада тврди дека само за Македонија, ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година, става на располагање 664 милиони евра, како и дека Македонија од ЕУ - има добиено 52 милиони евра за згрижување на бегалците.

Не дека е тешко, според бројот на накотените арамии-сечикеси, да се замисли како во македонската црна дупка исчезнуваат стотици милиони евра, ама сепак, многу, ептен многу милиони евра се во прашање. Убаво е што и самиот Иванов е љубопитен и што бара одговор од Германците: „Кому, кога и за каква цел биле дадени 52 милиони евра?“. Зашто, се почнува со домашниот есап, нели... Чиста сметка, долга љубов.

Иванов сo претседателот на Европскиот совет Доналд Туск

„Во бегалската криза има хуманитарен аспект и безбедносен аспект. Во однос на хуманоста, Германија многу добро се постави, но во однос на безбедноста, Германија целосно потфрли. Еден пример: сакавме со Европа, со Германија да ги размениме нашите податоци за овие осомничени џихадисти. Но, никој не ги сакаше нашите податоци“, обвини Иванов во интервјуто.

Портпаролот на германското МВР пак, ги отфрла обвинувањата за одбивање на податоци за џихадисти инволвирани во бегалскиот бран, тврдејќи дека тие се несфатливи, со оглед на тоа што Македонија разменува податоци преку европските полициски структури (Европол).

„Во однос на тврдењата дека Република Македонија разменува податоци од безбедносен аспект, ја информираме јавноста дека Република Македонија беше одбиена да добие пристап до дата-базите на ЕУ, до дата-базите на Шенген, и ЕУРОДАК, под образложение дека е трета држава и има правни бирократски пречки и ограничувања“, тврдат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Она што не се спомнува во дипломатскиот речник на Германците е прашањето: дали Иванов и неговиот кабинет, навистина сметаат дека некоја сериозна земја би споделувала чувствителни податоци со една разнебитена структура - од која не капат, туку течат информации на сите страни - како што е македонското МВР, во кое функционирале партиски паралелни структури, па дури и предизборен партиски штаб?! Или, со безбедносни служби кои имале време и желба да прислушуваат 20.000 свои сограѓани, ама немале знаење ни способност да си ја завршат разузнавачката работа околу Гошинце и Куманово, на пример...

Не врви веќе истата лага. Одамна се џабе сите обиди да се девалвираат критиките на ЕУ кон Владата и кон очајната ситуација во Македонија. Дури и ако е во прашање претседател на „Титаник - државата“ Проѕирно е и блуткаво...

Човекот, кого пред 30 години го почитував како личност пред своето време, во многу пошироки рамки од денешните граници на државата во која денес, како-така, е претседател, остана заглавен. Во лифтот. Сосе Македонија. Горе - високо, долу – длабоко, а сајлата одамна се ниша.

Една од обвинителките од СЈО, кошмарот на криминалната организација која го расипа лифтот, изјави дека е свесна оти нејзината кариера може да биде завршена, но и дека ќе има чиста совест и ќе спие мирно, бидејќи знае дека постапува според своите принципи и уверување.

Како спиете, господине Иванов?

Print Friendly, PDF & Email