Како да го остварите своето гласачко право?

Можеби за вакво предупредување е уште  рано, но во екот на изборната кампања сепак, не треба да се заборави дека гласачкото тело е тоа што одлучува.

Според праксата од досегашните изборни циклуси, гласачите често се предмет на интерес само на денот на избори. За жал, почесто третирани како бројка, отколку како граѓанки и граѓани кои по сопствен избор и слободна волја треба да одлучат кој, во случајот со сегашните избори, на локално ниво, ќе се бори за нивните интереси.

Затоа, навремено да потсетиме како ќе се спроведува и вториот круг локални избори.

Пред сѐ, она што треба да го знаат гласачите што не се во можност да гласаат на денот на избори, немоќните и болни лица, требаа да ја известат Општинската изборна комисија (ОИК) или  седум дена пред денот на гласање, односно, најдоцна до 21 октомври.

Оние гласачи кои на денот на избори се на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат преку овластен полномошник, можеа да ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање, односно, најдоцна до 25 октомври.

Болните и немоќни лица гласаат во нивните домови, а лицата што се наоѓаат на издржување на казна затвор или се во притвор, гласаат во казнено – поправните домови, еден ден пред одржувањето на изборите, односно, на 28 октомври од 7 до 19 часот.

Лицата со статус внатрешно-раселени лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, еден ден пред денот определен за одржување на изборите од 7 до 19 часот, исто на 28 октомври.

Сите останати граѓанки и граѓани гласаат на своите избирачки места на 29 октомври од 7 до 19 часот, до моментот кога гласачките места се затвораат.

Оние гласачи што точно во 19,00 часот ќе се затекнат внатре во гласачкото место, им се овозможува да гласаат.

Доколку гласачите имаат било каков проблем на денот на избори, пред сѐ, ако не можат да се пронајдат на Избирачкиот список, треба да се обратат до ОИК, која треба да обезбеди информации зошто не можат да го остварат своето гласачко право и да им овозможи да гласаат.

Print Friendly, PDF & Email