Кај ќе Ти оди душата, Никола?

Во Македонија навистина врие! Државава целата деценија ни е како експрес-лонец, а експремиерот и лидер на владечката партија, реши да го демонтира сигурносниот вентил, со крајно непримерен, хушкачки говор пред своите, сé помалубројни поддржувачи, и да ја турне Македонија уште подлабоко, во живата кал во која се дави веќе десет години...

sinisa-stankovic-500x333

Пишува: Синиша Станковиќ

Еден од наједуцираните македонски новинари, кој за жал, нé напушти пред неколку години (и не може со неговото цинично осило да ја прокоментира трагедијата што ни се случува, како непристрасен сведок на долносувањето на Македонија и на срчосувањето на идејата што секогаш ја протежираше - за земјава како пристојно место за живеење на рамноправни граѓани, во кое владее правото), редовно истакнуваше дека ниедна политичка цел не вреди толку, за неа да се пролее ниедна солза, родителска и пред сé, детска...

Како жител на оваа кутра земја, како новинар, како човек и родител, останав вџашен од неверојатната леснотија, со која лидер на владеачка партија, дури и во една Македонија, нa сé свикната во последнава деценија, како од ракав тресеше закани кон неистомислениците, кои тој ги третира како национални предавници, само затоа што се залагаат за одговорност и очет на аздисаната власт на неговата камарила... Додека истовремено, специјалци повторно го апсеа слободниот збор, само неколку дена откако бодигардовите на Никола Груевски, упаднаа во ТВ станица за да присилат новинари да избришат снимка од нивниот газда...

Човекот, чија бескрупулозна борба за моќ и власт, и неодговорна политичка агенда перманентно го продлабочува(ше) јазот меѓу Македонците и Албанците (користејќи ефтини трикови со ифтарски вечери за купување на наклоноста на Албанците, дел од Ромите, Македонците муслимани), вложи силни напори и за закрвувањето до трето колено меѓу етничките Македонци (преку проѕирниот лов на идеолошки „вештерки“, недугавото фабрикување предавници, странски шпиони и кодоши, карикатуралните обиди за билдање на нов национален идентитет и идиотските поделби на „антички“ и „Славјани“, или, на демек, правоверни и конзервативни, ѓоа демохристијани и сите други – инакумислечки и продемократски, кои сакаат да бидат граѓани, а не молчалив дел дел од „народот“, кој Пастирот го подразбира како стадо...), се надмина себеси во омразата на сите инакви. Цврсто зачекорувајќи и тргнувајќи во марш, од кој може и да нема враќање. По најкусиот пат до детските солзи!

Кај ќе Ти оди душата, Никола!

Како каков-таков политичар, но пред сé, како човек и родител, свесен ли си каде ја туркаш Македонија? Во каква „нова фаза“? Во улична пресметка за спас на неколку стотици алчни јагмаџии?

Повикот на линч на неистомислениците што синоќа на прослава(?!) на 26-годишнината на Демократската партија за македонско национално единство (која ете, четврт век, кукавички се крие зад акронимот што е длабоко врежан во историјата на етничките Македонци), го пласираше експремиерот и партиски лидер Груевски е најблаго речено – соблазнувачки! И не го оправдува ни огромниот страв од губење на фотелјата, која му е единствената преостаната гаранција дека нема да се соочи со недиригирано судство и со слободни медиуми

Македонија навистина врие! Државава целата деценија ни е како експрес-лонец, а експремиерот и лидер на владечката партија, реши да го демонтира сигурносниот вентил, со крајно непримерен, хушкачки говор пред своите сé помалубројни поддржувачи, и да ја турне Македонија уште подлабоко во живата кал во која се дави веќе десет години, во кои слободата стана мислена именка, а до корен партизираната Македонија – темен вилает на едноумието на ДПМНЕ.

DSCN7712

Груевски порача дека илјадници граѓани му побарале поддршка за „порешителна народна акција“, и се закани дека „ако вака продолжат (продемократските сили кои ги нарекува „домашни петоколонаши“ кои ќе доживеат „интервенција на народот“- н.з), колку и јас и моите соработници да сме толерантни, нема да можам да ја држам ситуацијата под контрола. Народот врие и во еден момент може да му дојде преку глава и да влеземе во фаза која нема да e добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и за туѓи интереси“.

И, како и тоа да не беше отпојќе страшно, Груевски продолжи со закани и кон опозицијата, и кон СЈО, и кон невладиниот сектор, и кон странските „мрачни сили“ - членови на светскиот заговор против библиската земја, и кон илјадниците граѓани кои, конечно ослободени од стравот, со месеци, на улиците бараат тој веднаш да си замине од власта и да се санкционира криминалот на Фамилијата која без исаф ја пљачкосува сé победната Македонија.

Аман доста е, Никола!

Откако ја обезличи до непрепознавање идејата за постоење на ДПМНЕ и го понижи почесниот претседател за да ја востоличиш роднинско-кумовската клика (покојните основачи се вртат во гроб, а дел од живите, Те прозиваат да се покаеш и повлечеш) и си играше дрн-дупка со „националното единство“ на Македонците, жигосувајќи ги сите кои ти побараа отчет за катастрофата која ја живееме, што Ти е следната цел? Обезличување и на она што остана од Македонија, држава која тоне сé подлабоко со секоја измината минута, преку задолжувањето и на генерациите на нашите правнуци, за бесмислениот арч на налудничавите кич-проекти и странски „инвестиции“? Граѓанска војна, скраја да е?

Македонија е одамна на колена, раскрчмена и со неизвесна иднина. Денес и Европејците повторно ќе се обидуваат да ја освежат, колку да и го одложат броењето... Крајно време е да се фрли пешкирот, Никола... Пред да капне првата детска солза. Потоа, сé ќе биде предоцна.

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English