Извештај на ЕК: Нова условена препорака за Македонија

Условите чие исполнување останува задача на Македонија се - целосна примена на Договорот од Пржино, спроведување на фер и демократски избори и фокусирање на клучните реформски приоритети.

Со објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во изминатата година, Македонија доби нова условена препорака за почнување преговори за членство во Европската унија.

„Кризата трае премногу долго. Државните институции треба да ја вратат својата кредибилност, а ЕУ е подготвена да ве поддржи во трансформирањето на вашата земја во она што таа заслужува и сака да биде – демократско, динамично и просперитетно место што може да им понуди на своите граѓани стабилност и подобри перспективи за во иднина“, рече денес, евроамбасадорот Самуел Жбогар.

zbogar

Самуел Жбогар, евроамбасадор

Условите чие исполнување останува задача на Македонија се познати на македонската јавност: целосна примена на Договорот од Пржино, спроведување на фер и демократски избори и фокусирање на клучните реформски приоритети, наведени во Извештајот на Прибе. Според евроамбасадорот Жбогар, новата влада, по изборите на 11-ти декември, ќе треба да ја искористи дадената можност и Извештајот „да го претвори во безусловен“.

И според еврокомесарот за проширување Јоханес Хан престојните избори се исклучително важни за Македонија поради загубениот политички кредит, и дека организирањето и спроведувањето фер-избори во транспарентна атмосфера и во согласност со меѓународните стандарди, можат да бидат одлучувачки фактор за напредок во евроинтеграциите.

„Морам да кажам дека не се само изборите важни. Тие се пресвртница, но веднаш потоа, избраната влада треба да се фокусира на приоритетните реформи. Сепак, изборите се веќе еден вид позитивен притисок врз европското семејство за реализација од наша страна“, изјави Хан за Радио Слободна Европа.

Во Извештајот за напредокот на Македонија се нотира дека е потребен напредок во однос на конкретната имплементација на реформите, дека државата ја живее најтешката политичка криза од 2001-та, која се одразила врз недостигот на политичка култура и капацитет за компромис, како и дека граѓанското општество има важна улога во поддршката на демократските процеси.

Print Friendly, PDF & Email