Избори 2016: Во исчекување на одлуката на Управниот суд

Откако ноќеска истече рокот за поднесување тужби до Управниот суд за одлуките на Државната изборна комисија, по приговорите поднесени од партиите за гласањето и пребројувањето на резултатите на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември, целото внимание на јавноста е насочено кон оваа институција.

Судот има рок од 48 часа, по примањето на тужбите, да одлучува по нив, а Одлуката ќе ја објави на својата веб-страница, заедно со гласањето на секој судија поединечно. Совет од петмина судии избрани со жрепка, одлучува на јавна седница на Управниот суд, и потоа, ја информира јавноста и овластените претставници на партиите за чии тужби се одлучува.

Државната изборна комисија прифати само еден од осумте приговори на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар, а ги отфрли сите шест приговори поднесени од СДСМ, откако претставниците на партијата повлекоа два приговора. СДСМ поднела четири тужби до Управниот суд за гласање во избирачки места во Изборната единица 6, а Беса соопшти дека нема да поднесе тужби до Управниот суд, откако ДИК отфрли седум нивни приговори

Иако ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да почитува одлука на ниту една државна институција, која нема да ја изразува јасно искажаната волја на граѓаните, а лидерот Никола Груевски им порача на судиите од Управниот суд дека не смеат да прифатат никаков притисок, и оваа партија поднесе тужба до Управниот суд, за прифатениот приговор од Беса, по утврденото од ДИК - гласање за друг на Избирачкото место 0396/1, во Општина Гостивар, Изборна единица 6.

Седницата на ДИК за приговорите траеше три дена, со што беа пробиени роковите предвидени во Роковникот за изборите, и се пролонгира и рокот за конечните резултати. Одлуките на Управниот суд се конечни и ако има прегласување, тоа треба да се одржи на 25 декември.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian