Избори 2014: Дисквалификувана демократија

Осум години од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и по осум изборни циклуси на сите нивоа во државата, најдобриот опис за сегашната состојба со македонската изборна демократија е да замислите дека фудбалскиот натпревар меѓу политичките конкуренти се игра на терен на кој власта својот гол го поставила на врвот од ридот, а диреците на опозицијата се наоѓаат во мочуриштето во подножјето на брегот. Судиите се потплатени да навиваат за владата, топката е заменета со хокеарски пак, опозицијата наместо во копачки трчка наоколу во апостолки, публиката главно се состои од државни службеници, монополот за продажба на семки и кикирики го држи еден помал коалиционен партнер во власта, а правата за директен и објективен пренос на натпреварот ексклузивно ги има добиено ТВ Сител.

Поголемиот дел од останатите важни избирачки елементи – како што се димензиите на изборните паравани и бојата на гласачките ливчиња – е според високите скандинавски изборни стандарди.

Избори 2014: Дисквалификувана демократија

Избори 2014: Дисквалификувана демократија

Замислете, не сме го зачнале ниту воведниот дел од публикацијата „Избори 2014: Дисквалификувана демократија“ која Цивил - Центар за слобода ја подготвуваше изминатите два месеци по завршувањето на претседателските и предвремените парламентарни избори. Звучи доволно сочно и привлечно? За да го конзумирате овој исклучително интригантен текст со пикантна нота и вкус што ќе трае во следните четири години, треба да го посетите завршниот настан од проектот „Слободни избори 2014“ на кој ќе биде презентирана оваа публикација која содржи детална анализа на изборниот процес базирана на нашето долгорочно набљудување на изборите и политичката ситуација во Република Македонија.

Промоцијата и изложбата на артефакти ќе се одржи во ГЕМ клуб (Стара Чаршија) во Скопје на 8-ми јули 2014 год. (вторник), со почеток во 12 часот. Настанот ќе биде од мултимедијален карактер и ќе вклучува видеа, фотографии и стрипови. Овој пат решивме дека нема да ве замараме со сувопарни прес конференции, но затоа ќе бидеме на диспозиција за разговор околу сите евентуални прашања кои ги имате за нас. Ве покануваме на дружење и забава кое искрено се надеваме ќе ви остане во сеќавање.

Петар Стојковиќ,
Координатор за односи со јавноста на Цивил - Центар за слобода

Насловна страна и илустрации: Игор Стевковски - Стевац

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian