Иванов уште еднаш го прегази Уставот и самиот се дисквалификуваше од политичката сцена

Ѓорге Иванов, човекот кој на власт дојде преку изборна измама организирана од партијата во заминување од власта и кој, според релевантни правни експерти, го прекрши Уставот на Република Македонија повеќе пати досега, денеска уште еднаш го стори тоа. Во своето кратко обраќање пред јавноста, без да остави простор за прашања, Иванов изведе уште една политичка акробација, колку бесмислена и комична, толку и опасна!

Иванов со ниеден збор не го осуди насилството против новинарите и случајните минувачи за време на протестите кои ги организираат приврзаниците на власта во заминување. Наместо тоа, тој си дозволи уште еден нелогичен настап пред јавноста.

Иванов не го даде мандатот за формирање влада на опозицијата која собра 67 потписи од избраните членови на парламентот. При тоа, тој ја обвини опозицијата за велепредавство и се закани со кривични пријави. Исто така, Иванов изнесе низа нови обвиненија и закани против меѓународната заедница. Со својот настап, тој го одобри и охрабри насилството на кое сме сведоци овие денови.  Накратко, Иванов со своето обраќање не понуди решение, туку го прегази Уставот и ја продлабочи политичката криза во Република Македонија.

Сега преостанува избраните пратеници во парламентот да ги искористат постојните уставни и законски можности, да го бајпасираат Иванов кој е крајно деструктивен елемент во македонската политика и да го ефектуираат своето мнозинство која, впрочем, ја одразува мнозинската волја на граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Тоа значи дека сега е отворена можноста парламентот да профункционира и да избере влада.

На ова имаат потполно право, особено откако Иванов самиот се дисквалификуваше, правно и политички, од политичката сцена и нема што повеќе да направи на политичката сцена во земјата.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English