Иванов: „Наместо да бидам пасивен набљудувач, понудив решение на кризата“

„Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот, дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат да не бидат погрешно разбрани и да се придржуваат до Виенските конвенции“, рече претседателот Ѓорге Иванов, во денешното, годишно обраќање до јавноста.

„Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните, бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж“, истакна Иванов, кој побара од лидерите на најголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, конечно да се помират и да се сплотат околу националните интереси.

Иванов, го обвини Специјалното Јавно обвинителство дека е „селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници“.

Осврнувајќи се на неговата одлука за аболицирање на 56 лица, Иванов потенцираше дека наместо да биде пасивен набљудувач тој решил така да постапи, имајќи за цел - помирување, а не - заштита на криминалците. „Ги спречив црните сценарија против Македонија! Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат увид во таа мерка. Помилувањето беше единствен мирен начин да се избегне анархија“, рече Иванов.

Иванов во своето обраќање ги потсети политичарите дека треба да бидат под постојана критика на граѓан(к)ите. „Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните“, истакна тој.

ivanov

„Кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, тие стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат, да им ја вратиме моќта на институциите“, потенцираше претседателот Иванов, кој потсети дека Македонија мора да остане посветена на европската и евроатланската агенда.

Истовремено, претседателот Иванов ја повика и Европската унија да престане да ја блокира иднината на Македонија.

Во делот од новогодишното обраќање посветен на изборите, Иванов истакна дека изборите на 11-ти декември беа фер и демократски, и дека со распределбата на своите гласови, граѓан(к)ите ги принудиле партиите да водат дијалог во институциите, но, не по цена на државните интереси.

„Никогаш нема да се согласам Македонија да биде бинационална или федерална држава“, продолжи Иванов кој истакна дека очекува следната година да се направи попис на населението. „Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката“, рече тој.

За разлика од минатогодинешните обраќања, кои Иванов ги држеше од говорницата во Собранието, оваа година, тој го претстави на македонската јавност својот поглед на настаните кои ја одбележаа 2016-тата година, од претседателскиот кабинет.

Print Friendly, PDF & Email