Истрага и одговорност за пропустите на институциите во случајот Груевски

Со бегството на осуденикот и барател на политички азил во Унгарија, Никола Груевски, Македонија доживеа силен удар со далекусежни последици. Со ова, на површина излегоа сите слабости на институциите и политичките структури со што директно се подрива правната држава и владеењето на правото. Овој скандал говори за неуспехот доследно да се спроведат сериозни реформи во областа на судството, полицијата, државните комисии и агенции, односно практикувањето на власта во целост.

Политичките пазарења добија предност пред потребата од решителна пресметка со политичкото и криминалното подземје во земјата по пат на владеење на правото и транспарентност. Тоа доведе до бегство на еден осуденик од висок профил и негово барање политички азил во земја членка на ЕУ. Тоа претставува целосно омаловажување на процесите за демократски трансформации во земјата во која токму тој бегалец од законот изврши тешки кривични дела и ја зароби државата со својот режим.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го истакнува фактот дека јавноста има право да знае кои институции, функционери и други структури се вмешани во овој скандал.

Јавноста има право да бара одговорност и мерки што ќе гарантираат дека вакво нешто нема да се случи во иднина.

ЦИВИЛ ги поддржува реакциите на граѓанските организации и се придружува кон барањата за итна, длабока и транспарентна истрага на сите аспекти од овој скандал, почнувајќи од неажурноста на институциите, првенствено на обвинителството и судот, а секако и на полицијата и другите фактори што придонесоа кон избивање на овој тежок скандал.

Буквално секое прашање мора да биде одговорено. Граѓанките и граѓаните на Република Македонија го заслужуваат тоа.

Граѓанките и граѓаните на Република Македонија заслужуваат да добијат јавни и конечни гаранции дека ќе се забрзаат реформите, јакнењето, департизацијата и транспарентоста на институциите во духот на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи.

ЦИВИЛ апелира до унгарската влада да го одбие барањето за политички азил од осуденикот Никола Груевски и да го екстрадира назад во Македонија по најбрза можна постапка, за која знаеме дека постои.

Доколку унгарската влада го продолжи гостопримството на Груевски, ќе значи дека автоматски ја прогласува Македонија за недемократска земја во која се врши политички прогон, а не правен процес. Самото гостопримство на бегалец од правдата е крајно неприфатлив чин на дисквалификација на нашата земја и на напорите да се воспостави демократијата и владеењето на правото.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English