Груевски условува и при заминување

Претседателот на Владата Никола Груевски, во синоќешното обраќање до македонската јавност најави дека денеска до Собранието на Република Македонија, ќе ја достави својата оставка. Но, оставката ја услови со нејзиното стапување во сила - 100 дена пред парламентарните избори, кога и да бидат тие закажани.

“Навршуваат 100-те дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон. Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, проблеми, конфликтност зад нас и сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива“, рече Груевски во директно пренесуваното обраќање до јавноста.

#ZbogumNikolaТој побара од опозицијата да го исполни договорот и изборите да се закажат како што беше предвидено, на 24-ти април, но не пропушти да ја обвини дека „неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот. Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата ”.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, реши кандидат за нов претседател на Влада во последните 100 дена пред избори, да биде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев.

Оставката на Груевски беше најавена пред доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан , кој денеска е во посета на Скопје. Во тек се билатерални средби со лидерите на четирите политички партии - потписнички на Договорот од Пржино. По овие средби, Хан ќе одржи заедничка средба со сите партии. Целта на неговата посета како што беше најавено е оценка на досегашната имплементација на Договорот од Пржино, но тој и самиот најави дека очекува да се затворат сите спорни точки предвидени во Пржино.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish