Граѓан(к)ите се повикуваат на помош!

Секој час за реформи и за создавање услови за слободни избори во Македонија е важен. Во овој момент, најважните чекори предвидени со договорот за надминување на политичката криза се Државната изборна комисија, Избирачкиот список и медиумите.

Јавноста треба да знае дека Државната изборна комисија сѐ уште не е формирана поради крајната политичка поларизираност и кочењето на изборот на членови – експерти во својот состав. Откако во фотелјите на партиските членови седнаа и дел од протагонистите во популарните политички „бомби“, лица чиј кредибилитет е непостоечки, сега проблем се и преостанатите три места, а таа битка, повторно, се одвива зад затворени врати. Ги потсетуваме преговарачите дека времето тече и дека изборот на деветмината членови на ДИК не е последната, туку само првата задача. Реформите на ДИК подразбираат нејзино вистинско ставање во функција, а да не зборуваме за потребата од враќање на довербата на граѓанките и граѓаните во оваа институција.

Меѓу другото, ДИК мора да работи на подобрување на квалитетот на работата на своите тела, како што се, на пример, Општинските изборни комисии. Во своите тела ДИК има лица кои, според објавените прислушувани разговори, биле само продолжена рака на центрите на политичката моќ, а дел од нив извршиле и сериозни кривични дела поврзани со изборниот процес.

Пред Државната изборна комисија се наоѓаат уште сложени и одговорни задачи, почнувајќи од чистење на Избирачкиот список, завршувајќи со обука на сиот неколку-илјаден персонал кој ќе биде ангажиран на изборите, а да не зборуваме за обврската за поширока граѓанска едукација за изборниот процес.

Измените во Изборниот законик се далеку од квалитетни. Останува да се непрецизни одредбите со кои се ограничуваат, но и се санкционираат злоупотребите и незаконското делување на изборните актери.

19 001 sinking voter

"Sinking Voter" - Мирослав Стојановиќ

Во меѓувреме, јавноста е сведок на интензивирање на политичката кампања која, колку што е скапа, толку е валкана. Медиумите продолжуваат со максимално исполнување на својата неславна улога во ова општество со тоа што, во најголем дел, се ставаат во понизна, послушничка улога на центрите на моќ.

Според бројните извештаи кои доаѓаат од теренот, ЦИВИЛ утврди дека се интензивира злоупотребата на јавните ресурси и администрацијата. Ние веќе пишувавме за партиските вработувања во полицијата и во други јавни институции во повеќе општини во изминатите четири месеци. Добиваме извештаи за огромниот притисок врз најсиромашните и врз другите социјално ранливи категории. Списоците со сигурни гласачи се активираа уште во текот на летните месеци, а нетранспарентното трошење на јавните пари и задолжувањето продолжува.

Констатираме дека ЦИВИЛ – Центар за слобода е организација во која граѓанките и граѓаните имаат доверба. Денеска, јавно се декларираме дека ќе останеме будни и посветени на целосно непартиско, непристрасно и објективно набљудување на сите релевантни процеси поврзани со надминувањето на политичката криза и изборите закажани за април 2016 година. Ќе ги поддржиме сите релевантни институции кои посветено и доследно ќе ги спроведат реформите и ќе ги изнесат одговорните за бројните злоупотреби пред лицето на правдата. Отворени сме за соработка, но и ќе спроведуваме строг мониторинг и ќе ги прозиваме одговорните институции и личности.

Цениме дека е можно, наспроти краткиот временски рок, да се создадат услови за слободни избори, но само ако има политичка волја од одговорните носители на одлуки. Воедно, пресудно ќе биде учеството на сите граѓанки и граѓани во овој процес. Ги повикуваме сите, секој поединец, да ѝ помогне на Република Македонија да спроведе квалитетни, фер и демократски, слободни избори. Секој треба да се активира и да придонесе. Секоја неправилност и коруптивно однесување, секој и најмал притисок и злоупотреба, секој вид насилство треба да се пријави. На тој начин секој од нас добива можност да придонесе кон подобрување на состојбите во нашата земја.

Ние веќе подолго време добиваме голема експертска поддршка од организацијата ГОНГ и од Центарот за одличност при хрватското Министерство за надворешни и европски работи.

Пресудна е поддршката што ЦИВИЛ ја добива од меѓународната заедница, конкретно, на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ кој го поддржува Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Но, на крајот, најважна е поддршката што ќе ни ја дадат граѓанките и граѓаните на Република Македонија.

Print Friendly, PDF & Email