ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПРАВО НА ФЕР ИЗБОРИ

Интегрално обраќање на градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски на Конференцијата ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, организирана од Цивил, на 1 март на Скопски саем, во рамки на проектот Слободни и ненасилни избори 2013

Почитувани,

Ова е Република Македонија, ова е Балкан. Јас знам дека ние не сме Амиши, кои се синоним за кроткост и ненасилство. Напротив, историските и емпириски искуства не карактеризираат со некои „потемпераментни“ и бурни потези. Но, сепак, она што сакам да кажам дека ние сме сепак европска демократска држава, со историја, традиција и слободарски дух.

Сведоци сме дека Македонија во моментов, е во длабока политичка криза. Ова се исклучително тешки и историски моменти на кои сме ставени на испит сите ние:и граѓаните и политичарите и демократијата, ако не и државата воопшто. Таа е најсериозно загрозена и тоа веќе го кажуваме во континуитет, со години наназад, а од 24 декември и се погласно и се поеклатантно. Факт е дека нарушената демократија ги доведе во прашање слободата и просперитетот на овој народ. Но, кој е и каков излезот оваа криза? Дали е тоа дефанзива, откажување од слободата на избор за некои идни подемократски времиња?

Мојот личен став како политичар кој отворено го кажав пред мојата партија СДСМ, но и во јавност, со одлуката да се кандидирам за градоначалник на Карпош, е дека треба да се излезе на локалните избори и треба да се гласа. Гласањето е животно важно, затоа што демократијата е животно важна. А начинот да се подобри нарушената демократија, според мое мислење, е да се излезе на избори, а не да се напуштат и да станеме „невидливи“. Самостојно да се исклучиме од демократскиот дискурс и да го испуштиме од рака природното право и слободата да го дадеме својот глас. Јас не сакав и немав морално право да ги ставам граѓаните на Карпош во таква ситуација, кои во два мандати ми дадоа поддршка токму преку избори. Тоа тие го очекуваа како мене од политичар, нивен градоначалник и човек кој проблемите ги решава на отворена политичка сцена и пред се преку фер борба.

Stevco Jakimovski - newЈас мислам дека слободата, вклучително и слободата на избор, на секој граѓанин во Република Македонија, (при што мојот фокус повторно во пресрет на претстојните локлани избори, се моите сограѓани од Општина Карпош) е не само со Устав загарантирано право, туку и од Господ даден благослов. Слободата нема цена, и во тоа, верувам сме единствени. А кога веќе неа ја имаме и кога се определивме да имаме една демократска држава во која слободниот граѓанин има право на глас со кој ќе ја востанови и одбрани демократијата, тогаш сликата е многу појасна.

Јас искрено, во овие исклучително тешки денови се соочував со силни дилеми. Знам дека со ова јас всушност ризикувам. Ризикот е јасен и пресметан. Слободниот избор на граѓаните на Карпош е да ме изберат мене или мојот противкандидат г-ѓата Куновска. Но, она што е недвосмислено е дека тие треба имаат право да избираат. Тоа беше клучниот и пресуден момент кога јас, наспроти ставот на раководството на мојата партија СДСМ решив сепак да се кандидирам за избори, затоа што мислам, а во тоа не сум осамен, на тоа смета и најголемото дел од граѓаните на Карпош. Тие тоа го очекуваат. Да имаат право на фер и ненасилни избори, да ја искажат својата волја на мирен и демократски начин. На карпошани насилството не им е иманентно и тоа го докажале низ сите изминати изборни циклуси.

Во моменти кога се уриваат основните демократски права, мојот избор беше недвосмислен. Ќе се бориме за демократија, за просперитет, но не со сила туку со соработка. Меѓу сила и соработка јас ја избрав соработката и не прифаќам ниту една присила во име на идна поголема демократијата. Да, демократијата ни е крајната цел, неа не ја напуштаме, но и на овие локални, на следните парламентарни избори, дали предвремено или редовни, секогаш ќе ја претпочитам слободата на избор и правото на сопствен глас.

 Апстиненцијата по дефиниција значи незаинтересираност, а ние не сме незаинтересирани за Карпош. Тој ни е од суштествено значење.

Забелешка: Насловот и поднасловот се на Цивил

Print Friendly, PDF & Email