Ќе ги отвори ли „Ромскиот бал“ вратите, освен за политичарите, и за сиромашните?

Хумани граѓани и бесчувствителни и неодговорни институции на системот кој е во тотален колапс.  Од студот починаа три бездомни лица, а ресорниот министер за труд и социјала, ја обвинува опозиционата претходничка?! А, „Ромскиот бал“ што традиционално го организира лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам (на кој присуствуваа(т) политичари од власта, како Никола Груевски, Сашо Мијалков, Марко Зврлевски...) најверојатно ќе се одржи и годинава. „Село гори - баба се чешла“...

dehran

Пишува: Дехран Муратов

Дали Македонија е способна да опстане како држава една седмица со невообичаено ниски температури? Дали секое зимско невреме или летна поплава, мора да има катаклизмични последици и на државава, со актуелната власт, да ѝ се заканува целосен распад на системот? Деновиве, покрај тоа што смрзнуваа(т) на завеаните а нерасчистени патишта, граѓан(к)ите смрзнуваат и во своите домови, затоа што немаат пари да си купат огревни дрва или затоа што немаат парно греење, поради дефектите што бавно ги отстранува ЕВН. Скопјан(к)и, неготинчан(к)и и кавадарчан(к)и, и по неколку дена немаа(т) вода во домовите... (Но, во провладините медиуми се објавува дека снегот и мразот не се исчистени само во општините Центар и Куманово, каде што градоначалниците се од опозицијата, па човек се прашува дали веќе започна предизборната кампања за локалните избори?)

Најстрашно од сé е тоа што, засега, од студот починаа три бездомни лица. Нека почиваат во мир! Белки, некој ќе одговара за несовесното работење. Правдата е бавна, но еден ден, сите ќе ги стигне!

Се прашувам дали мирно спие новиот министеер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими? Подолго е на министерската функција само од еднодневниот министер во МВР, Оливер Андонов, а веќе во своето CV ќе запише три смртни случаи!? Очекувам дека ќе негира, и ќе ја префрли вината на претходните министри, дека тие несовесно работеле. Зашто, Ибрахими веќе ја искритикува претходната министерка за труд и социјала, Фросина Ташевска Ременски, за нејзиното „непрофесионално работење“. Секако, очекувам критиките да продолжат и за министрите од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ кои раководеа со Министерството последните десет години, ама...

За среќа, ние сме хуман народ, па за операција на детенцето од Кратово, пари се собираат преку донации, преку стенд-ап настапи на актерот Сашко Коцев и на други начини. Деновиве, бевме сведоци дека популарниот Боки 13, по вторпат му обезбеди дом на еден бездомник, и неколку други активисти и организации ги отворија вратите за бездомните ѓраѓан(к)и, неколку кафулиња ги заштитуваат и уличните кучиња. Но, до кога граѓан(к)ите ќе ги исполнуваат обврските на надлежните институции кои раководат со нашите пари...?! Зошто тогаш постојат министерства, болници, згрижувачки центри...

Јасно е дека ништо не може да се промени преку ноќ и дека ќе треба да помине време додека институциите на системот почнат да фунционираат како што треба. За да не ја иритираат јавноста.

На пример, „Ромскиот бал“ што традиционално го организира лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам (а на кој присуствуваа(т) политичари од власта, како Никола Груевски, Сашо Мијалков, Марко Зврлевски...) најверојатно ќе се одржи и годинава... Во период кога Македонија е во хаос и кога е неизвесно дали изборите ќе резултираат со нова влада, или со нови избори, кога еден човек извршува и по неколку функции (министер, пратеник), кога државата е далеку од нормалните услови за живот, поради снежните наноси, а во некои области може да се стигне само со хеликоптер... „Село гори - баба се чешла“...

Еве и конкретен предлог како гламурозниот „Ромски бал“, сепак, може годинава да добие хумана димензија. Да ги отворивратите и срцата на учесниците. Дел од парите што ќе се соберат, може да се одвојат за сиромашните. Храната што ќе остане да не се фрла, туку да се даде на најзагрозените. Може да се одвојат по 100 денари од билетот (која мислам дека чини 1.000 денари), или да се постави кутија за донација. Ако организаторите излезат со соопштение во следните денови дека на „Ромскиот бал“ ќе се собираат пари за најзагрозените, јас веднаш ќе купам билет. Верувам дека во таков случај, многу граѓан(к)и ќе купат билет само поради хуманиот гест, а нема ни да присуствуваат на „балот“... Некои за да се се сретнат со „традиционалните“ гости, а некои чисто поради тоа, што сакаат да помогнат а не да се експонираат на „џингрлака“ манифестации... (Зашто, на баловите, во нивните балкански варијанти, навистина никогаш немало принцови, но покрај кутрите Пепелашки, секогаш имало и разни вампири...)

 

 

Print Friendly, PDF & Email