Габер: 180.000 граѓани во Македонија живеат со под 14 денари на ден!

„По десет години власт, ВМРО-ДПМНЕ, практично, веќе нема кредибилитет било што да ветува... 1,2 милион граѓани на Македонија едвај врзуваат крај со крај! Факт е дека дури и оние кои што работат во Македонија, живеат лошо!“, вели Калинка Габер, програмски директор на Институтот за социјална демократија „Прогрес“ за ЦИВИЛ Медиа.

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

ГАБЕР: Пред да одговорам потврдно на вашето прашање, сакам само малку да го доловам контекстот во којшто ние денес живееме во Македонија. И фактот дека, и покрај тоа што бројни членови во Уставот, Македонија ја дефинираат како социјална држава, реалноста на теренот упатува на тоа дека државата, особено во изминатите осум години, не ги презема мерките коишто се уставно нотирани. Така, голем број на различни целни групи во државата се користат, односно, се злоупотребува нивната лоша социјална положба, за промоција на одредени ставови, позиции и искористување во политички, а заради контекстот, и изборни цели. Јас ќе спорам дека државата, всушност, се грижи и има обврска да понуди социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, согласно начелото на социјална правда, или дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, како што е предвидено во членот 32 од Уставот. Имаме редица на категории во државата чија што состојба се злоупотребува. Тука, пред сé, би зборувала за невработените, но, и за работниците, за пензионерите и особено, за младите.

Сите овие се категории на граѓани, заедно со оние кои се приматели на социјална помош, кои се на самите маргини на општеството, во изминатите неколку години сериозно се злоупотребуваат, со редица мерки коишто пропагандно се пласираат како грижа на властите и институциите за унапредување на нивните состојби. Всушност, нивната тешка состојба се злоупотребува во политички и предизборни цели. Сега, тука можеме да зборуваме за редица мерки од бањите и бесплатното возење за пензионерите, преку експлоатацијата на работниците и нивелирањето на сумите коишто примателите на социјална помош ги добиваат, до фактот дека младите беа „елегантно“ избришани од листите на невработени, само за вештачки да се намали бројот на невработени во Македонија. Битно е да се истакне дека сите овие категории на граѓани не ја уживаат заштитата која што им е гарантирана со Уставот! На пример, пензионерите не може да се третираат како социјална категорија, тие се економска категорија, тоа се луѓе кои што заработувале цел живот и имаат одредени права коишто треба да ги уживаат, додека оваа држава ги третира како социјална категорија. Секогаш пред избори, добиваат некакви зголемувања. Иако тоа е само фабричко, пропагандно манипулирање. Неодамна, на пример, добивме информација дека Агенцијата за вработување на Република Македонија, ги злоупотребува оние коишто се на списоците на невработени. Знаете како треба тие да се пријавуваат... Ги повикуваат на тренинг/обука, но имаме сериозни информации дека тие обуки невработените треба да ги посетуваат за да го одржат својот статус на невработени, и за утре да можат да влезат на листите коишто им се нудат на работодавците! Но, на ваквите обуки и тренинзи тие добиваат информации за тоа што нуди изборната програма на владеачката партија! Тоа е повторно манипулација со социјални категории и луѓе коишто се социјално загрозени во предизборни цели.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ГАБЕР: Видете, по десет години власт на ВМРО-ДПМНЕ, јас мислам дека тие практично, веќе немаат кредибилитет било што да ветуваат за оваа категорија на граѓани. Бројките велат дека околу 180.000 граѓани во Македонија живеат со под 14 денари на ден. 90.000 граѓани живеат со 22 денари на ден. А, 1,2 милиони граѓани на Македонија едвај врзуваат крај со крај! Сите истражувања на јавното мислење велат дека најгорлив проблем за граѓаните на Република Македонија, веќе не е ни толку невработеноста, колку што е квалитетот, односно, стандардот на живот. Факт е дека дури и оние кои што работат во Македонија, живеат лошо! Тоа е сé производ на десетте години на лоши економски политики. Треба да се биде доблесен и да се признае дека економскиот модел на рамни даноци, издашни додатоци за странски инвеститори, на разноразни манипулации со одредени категории на граѓани, не вродува со плод. Така што, сериозно мислам, дека сето она што ние ќе го чуеме од владеачките партии во ова предизборие, треба да се земе со сериозна доза на резерва, заради тоа што кредибилитетот е изгубен.

На Македонија ѝ треба нова енергија и таа енергија е поттикната од реалната ситуација на теренот, од една страна, но од друга страна, и од фактот дека во изминатите неколку години, сериозни организации многу гласно и многу моќно говореа за она што се случува на теренот и за она што државните институции не сакаа да го видат. Мене многу ме радува дека се гледа оти тие гласови, тие анализи и тие препораки коишто одредени организации од граѓанскиот сектор ги даваа во изминатиот период, на некој начин, најдоа свое место, најпрво во јавната сфера. Од друга страна, има и политички партии коишто ќе учествуваат во изборниот процес, а кои ги интегрираа и ги прифатија во своите предизборни програми таквите анализи и препораки Така што, во Македонија, дискурсот е веќе, на некој начин променет, што е нормално поттикнато од катастрофалната ситуација во која живее македонскиот граѓанин. Веќе слушаме дека почнуваат политичките партии да зборуваат за теми како што се квалитет  на живот, пристојна работа, платен труд, квалитет на работно место и на пазарот на трудот, за образованието кое повторно се врзува со социјалната правда и со начинот на кој што трудот треба да се пласира... Низ политичкиот дискурс на политичките партии провејуваат овие теми и јас сум оптимистка за она што ни следи. Мислам дека има една зајакната свест којашто ќе ги поттикне политичките партии малку поодговорно да им пристапуваат на граѓаните. И токму заради будењето на граѓанската свест, очекувам граѓаните да бидат посилни во барањето на своите права.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

ГАБЕР:  Јас би рекла дека ние го проживеавме тој момент кога правото на живот стана повеќе прашање на преживување, а не на живеење квалитетен живот! Значи, оние кои што ја имале моќта, успеале да наметнат и да го притиснат граѓанството во вкалапување во рамките на нивните очекувања или политики!  Според мене, лоши политики. Заради високиот степен на сиромаштија во државата, ние добивме замолчено граѓанство. Тоа е таа манипулација којашто е страшно тешка! Ако егзистенцијата е врзана со носителите на политичката моќ, но и со одлуките во политичката сфера, ако државата е најголем вработувач, ако сé зависи од буџетските дотации, било на централно или на локално ниво, добиваме замолчено граѓанство коешто, нормално, поради егзистенцијални причини, е исплашено на било кој начин да им се спротистави на тие што ги носат одлуките, затоа што егзистенцијата им е доведена во прашање. Очигледно, работите се дојдени до коска! Тоа се склоп на околности и ситуации во нашата држава, којшто мислам дека веќе дури и на тие граѓани кои долго време биле замолчени, им дава некаков порив да се спротистават и да се борат.

ЦИВИЛ Медиа: Што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите на социјалната правда во политички и изборен контекст?

ГАБЕР: Прво и основно, сметам дека само организирани и здружени граѓани, синдикати, интересни групи, можат да бидат тригер за промени, за ставање на крај на оваа злоупотреба на социјално загрозените граѓани. Силни синдикати кои што ќе ги штитат работничките права. Силни граѓански организации или неформални групи на граѓани, коишто ќе бидат гласот на оние што се маргинализирани и ќе вршат постојан притисок на донесувачите на одлуки, можат сериозно да ги поместат работите. Дополнително, треба да бидеме свесни дека корупцијата и сиромаштијата одат рака под рака, и граѓаните мора да се охрабрат да почнат да ги пријавуваат злоупотребите и корупцијата, што се случуваат на национално или локално ниво. Ние во Скопје, живееме под некакво стаклено ѕвоно. Сфаќаме колку се сериозни работите, но ни малку го немаме тоа почувствувано врз сопствена кожа, на начин и до степен како што тоа се случува во помалите градови, каде што механизмите за контрола и злоупотреба на социјално загрозените граѓани се многу посилни. Така што, сметам дека треба таа приказна малку да се децентрализира, за да се допре во секоја, и најмала клетка и пора на македонското општество. Мораме да ја градиме и да ја јакнеме свеста за социјалната цена на корупцијата, заради тоа што борбата против корупцијата значи и борба за спасување и извлекување од бездната на овие социјално загрозени граѓани.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната правда во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish