„Форум Аналитика“ повторно заживеа

Критичкото списание „Форум Аналитика“, по долга пауза, денеска повторно заживеа, со промоцијата на дванаесетото издание, посветено на протестите кои се случија во последните неколку години во Македонија, вели за ЦИВИЛ Медиа, Зоран Бојаровски, 

„Обновувањето на списанието ’Форум Аналитика’ се совпадна со еден период кога сметавме дека треба да се обмисли она што во изминатите 4 или 5 години се случуваше на македонските улици, а тоа се серијата протести кои кулминираа во последната година со протестите на Шарената револуција. Паралелно со издавањето на списанието, планиравме различни активности, покрај денешната промоција на списанието, имавме изложба на доајенот на македонската фотографија, Александар Кондев, кој од еден свој посебен ракурс ги снимаше протестите на улиците низ Република Македонија. Неговите фотографии зрачат со внатрешна енергија, како што знае да каже господинот Златко Теодосиевски, кога пишува во текстот кој е објавен во списанието“, истакна Бојаровски.

Тимот на „Форум Аналитика“, на денешната презентација на списанието, организираше и дебата со познати активисти кои дебатираа како тие гледаа на протестите. Дебатерите се согласија дека преку протестите се крена гласот на граѓаните и дека единственото место за искажување на незадоволството беа улиците.

„Со организирање на интересни дебати сметаме дека можеме да придонесеме за нов израз или за уште еден дополнителен израз за она што значи обмислување на современиот македонски политички момент“, потенцираше Бојаровски.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email