„Fatal error“ во образовниот систем

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар во медиумите излегоа со соопштение дека процесот на екстерно тестирање на учениците од завршните години во средните училишта, денеска започнал и се одвивал непречено во сите средни училишта.

Првичните информации од терен сепак, покажаа дека се повторуваат истите грешки од минатата година.

Ерор во системотСредношколскиот пленум излезе со фотографија на која јасно се гледа дека се јавува грешка во системот и постави кратко прашање до министерот Абдилаќим Адеми: „Прв ден од екстерното тестирање за учениците од четврта година, системот падна. Како реформиве, министре?“.

Според сознанијата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, базата на прашања за екстерното тестирање била достапна за наставниците и за учениците, еден месец пред почетокот на тестирањето. Базата воопшто не е ажурирана, повторно има нелогични прашања, како и прашања кои се вон материјалот што е опфатен со екстерното тестирање. Голем срам е и што повторно се случи пад на системот  и чекањето на учениците за полагање...

Или, чекањето на „реформирано образование“.

Целата измината година на протести, „кампување“, обиди за реформирање и решавање на образовните проблеми на улица, не донесе никаков напредок. Министерот остана глув за барањата на учениците и наставниците, а сите ветувања останаа само празни зборови.

Наставничкиот пленум пак, реши, своето незадоволство и револт да го решава по правен пат. Поднесената инцијатива до Уставниот суд, во август 2015, во која се наведени барањата - оценката од екстерното тестирање да не влегува, како крајна оценка во свидетелството на ученикот, и целиот процес на тестирање да биде повеќе во насока на дијагностицирање на проблемите со кои се соочуваат училиштата, а не вид на санкција за наводно незадоволителните резултати на наставниците и професорите, сé уште се влечка низ коридорите на системот во распаѓање.

Според нашите информации, Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК го игнорира Наставничкиот пленум, а останува глув и на незадоволството на своите членови што доведе до масовно излегување на наставниците од членството во синдикатот.

„НЕ на реформите што од нас направија експериментални глувци“, „Стоп за лошите реформи!“, „Ние сме иднината“, „Екстерно за Владата“..., се дел од транспарентите, со кои, со свирчиња, маршираа по градските улици учениците низ Македонија. Тоа беа звуците и сликите на кои бевме навиканати минатата година, како единствен можен начин на учениците да го привлечат вниманието на институциите одговорни за распадот на образовниот систем.

ЦИВИЛ – Центар за слобода гордо ги поддржуваше средношколците, наставниците  и студентите во нивната борба за подобро образование, поздравувајќи ја нивната храброст и решителност. Уште еднаш ги повикуваме  да истраат во својата борба. Сега не е време да замолчат, туку допрва да ја извојуваат битката.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email