„Фантомите“ со полноправен глас на 11 декември

Хаосот во Избирачкиот список кој ја одбележа оваа година на неизвесност, до крајниот датум на изборите на 11 декември, не ги реши дилемите, затоа што останаа уште многу нерешени спорни гласачи, кои можат да влијаат на конечниот резултат од изборниот процес.

Во периодичниот извештај од набљудувањето на изборниот процес,  ЦИВИЛ - Центар за слобода посочи дека ревизијата на Избирачкиот список не даде резултати и дека институционалната неефикасност ги доведе граѓанките и граѓаните да послужат како сервис на Државната изборна комисија и на другите институции кои беа надлежни за прочистување на списокот.

Овие случаи на фантомски гласачи ќе останат нерешени и како такви ќе фигурираат на Избирачкиот список на денот на изборите, веќе потпишан од политичките партии.

Покрај 200 пријавени случаи кои останаа нерасчистени, на адресата на ЦИВИЛ продолжија да пристигнуваа извештаи од граѓаните, но и од нашите мониторинг-тимови за фантомски гласачи до моментот на затворање на Избирачкиот список.

strima

Според објавениот Избирачки список во населеното место Стрима, општина Липково, на избирачко место 1123 во основното училиште ,,Дитуриа,, треба да гласат 66 жители. Во село Стрима од 2000 -та година преку лето, може да се најде некој човек, во последниве три години живее само еден човек, а преку зима и тој го нема. Сепак, на секои избори во оваа село се појавуваат сите 66 гласачи, како што известува нашиот долгорочен набљудувач.

Во Охрид на бул. „Туристичка“ бр. 24 живее само едно лице Т.Љ., а на адресата се водат лица кои воопшто не живеат, ниту живееле на таа адреса. Едно од лицата Г.В. живее во САД, а лицето кое живее на оваа адреса пријавило дека на изборниот ден ќе биде во Словенија. И покрај уредното пријавување до ДИК, и по затворањето на Избирачкиот список четирите пријавени лица сé уште фигурираат на списокот.

На ул. „Спас Банџов“ бр. 12 како избирачи кои гласаат на ИМ 1276 во Охрид, на Избирачкиот список фигурираат 12 лица, кои воопшто не постојат, а на таа адреса живее само едно лице, кое го нема на Избирачкиот список.

Во Ресен списокот не е исчистен од фантомските гласачи ниту по последната проверка до неговото затворање на 11 ноември. На ул. „29-ти Ноември“ бр. 116, семејството уште при првата проверка  на Избирачкиот список во март овааа година пријавило во ДИК. При последната проверка фантомските гласачи сé уште се на списокот, но членот на семејството кој во меѓувреме починал, бил избришан од списокот.

Во Скопје на улица „Пушкинова“ бр.5/2-10, при проверката на Избирачкиот список во април, на последниот увид се додадени уште фантомски гласачи. Имено, оваа адреса по ново се води како улица „Пушкинова“ бр. 1/2-10 и гласачите се преместени во друго гласачко место, односно од  ИМ 2740 во ИМ 2739. И покрај уредната пријава во ДИК, во март и во август, досега сé уште никој не реагирал на оваа пријава.

Ова се само дел од извештаите и пријавите кои ги добивме во изминатиот период и кои фрлаат сенка на тоа дека се можни фер и слободни избори.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English