peace

Епидемија на омразата

Колегата Ерол Мустафа од порталот „Журнал“ ми постави прашање за меѓуетничките односи во Македонија и тоа во периодите 2002-2006 и 2006-2013. Добро прашање, навистина, да се спореди состојбата во времето на коалицијата СДСМ и ДУИ со времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

пишува: Џабир Дерала

Од самото прашање извлеков заклучок дека новинарот го лоцира коренот на проблемите токму на институционално ниво, нешто што повеќепати го имам кажано на разни форуми, постови и анализи. Мојот одговор беше составен од неколку реда кои новинарот коректно ги пренесе, речиси во целост, но ми остана потребата да поразговарам со себе, колешките и колегите со кои сиве овие години работам на човековите права, меѓуетничките односи и контролата на оружјето. Сакам да поразговарам за оваа тема, односно споредба и со тебе, драг-а читателу-ке. Во разговор со новинарот Мустафа, му најавив дека неговото прашање ќе го земам како тема и повод да напишам и неколку реда повеќе на оваа тема, па еве сум, денеска, одново исправен пред прашањето за меѓуетничките односи во Македонија во времето на двете различни влади во изминатите 11 години, постконфликтен период, време на бескрупулозна битка за освојување, односно останување на власт, половина од постоењето на оваа мала и млада држава.

Човековите права на малцинствата, односно националните малцинства, се тема која суштински ги засега политичката, општествената и развојната сфера на секоја земја, а во Македонија е тема од првиод ден на нејзиното постоење како држава која се осамостои од СФРЈ во 1991 година. Ако се сеќавате, пратениците на тогашната единствена партија на Албанците Партија за демократски просперитет (ПДП) демонстративно го напуштија народното собрание при донесувањето на првиот Устав на РМ во февруари 1992 година. Нивниот став беше дека овој устав не ги гарантира правата на малцинствата дури ни во онаа мерка како што тоа го правеше последниот устав на Федерацијата од 1974 година. Албанците сметаа дека, ако сите ја наследуваат земјата од претходната поголема татковина, дека треба барем толку права да наследат сите. Според албанските политичари и интелектуалци во тоа време, Македонците, наместо граѓанска, направија етничка држава со максимално приграбување на сопственоста на државата на сметка на сите останати.

Да, на самиот старт, колата тргна надолу. Но, за овој период и за војната која беше кулминација на нетрпеливоста и лошо поставените работи во земјата во некоја друга прилика. Да се вратам на темата поставена на почетокот.

Периодот 2002-2006 е време на коалицијата СДСМ и ДУИ, непосредно по престанокот на војната во 2001. Како и во секое друго постконфликтно општество, емоциите и тензиите беа силно присутни. Природна ситуација, условно кажано. „Крв падна“ – ќе речат луѓето. Нетрпеливоста и омразата резултираше и со видливо мигрирање на еден дел од Македонците и Албанците во области населени со етничкото мнозинство на кое му припаѓаат. Македонците од Тетово се упатија во „рисјанскиот“ дел на Скопје, Албанците од Прилеп и Битола се селеа во Тетово, Гостивар и во Скопје, но „од онаа страна на мостот, ме разбираш“. Македонците од Чаир ги продаваа становите за да купат станови во делот од Скопје во кој доминираат „нашите“ и обратно. Тој процес, според некои показатели, трае, но со помал интензитет. Да не се заборави, Македонија 12 години по конфликтот сѐ уште има внатрешно раселени лица кои не можат или не сакаат да се вратат на родните огништа. Не сакаат, затоа што ништо веќе не ги влече назад, а државата не им најде решение за нов, достоинствен живот во домашно гнездо на некое друго место. До денешен ден, не се изврши ресоцијализација и интеграција на тие што беа директни учесници во борбите. Ова се само две од повеќето тивки жаришта кои ја илустрираат состојбата во земјата, а кои придонесуваат кон продлабочување на поделбите.

Во меѓувреме, децата и младите во школите се поделија по јазични, што значи етнички основи. Институциите на државата во ниеден момент не покажаа зрелост и доблест, а ниту знаење и далекувидост, да ги приближат новите генерации барем со воннаставни содржини. Уште една тажна приказна која заслужува посебно и сериозно внимание. Како и да е, поделбата која започна во 2002-та, стана уште повидлива и се продлабочи во периодот по 2006-та.

Во периодот на СДСМ-ДУИ, поради силниот меѓународен притисок да се имплементира Охридскиот договор, но и забележливата политичката волја на институциите на државата, како и на политичките партии, дојде до одредено смирување на етничките тензии во земјата. Да не се лажеме, изразите од типот „ќе има второ полувреме“ беа цело време присутни, од тоа никогаш не успеавме да побегнеме.

Како и да е, во тој период, со исклучок на неколку потешки инциденти со употреба на екстремно физичко насилство и оружје, случаите на етнички тензии беа изолирани и немаа карактер на организирано и групно судирање меѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница. Еден поглед на анализите и извештаите кои мојата организација ги правеше во тој период, моето сеќавање, како и разговорот со моите Цивил(к)и, ми даваат за право да кажам дека во тоа време, без оглед на тоа колку беа свежи сеќавањата на разорувањата и ужасите од полугодишниот конфликт, сепак, меѓуетничките односи како да бележеа бавна, но нагорна линија.

По падот на Guns N’ Roses коалицијата, во периодот 2006-2013 забележуваме брз и масивен пораст на етничките тензии во земјата. Тоа се должи, пред сѐ, на националистичкиот карактер на практикувањето на власта. Буквално на секој чекор, почнувајќи од отворената националистичка реторика на политичките лидери и високите владини функционери, завршувајќи со спроведувањето на политиките на локално ниво, оваа земја веќе со години се наоѓа во состојба на војна на зборови, недеклариран конфликт меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата.

Интересен феномен е тоа што и во двата периода, албанскиот партнер во владата е истиот – ДУИ, но нивното однесување во рамки на таа коалиција е донекаде различно. Се чини дека, на некој начин, двете партнерски партии се хранат меѓусебно со националистичкиот отров, едниот реагира на другиот и така до недоглед. Бесполезно е да прашуваме „ММЕ кој прв почна“ тука бидејќи тоа може само да нѐ одведе во уште повеќе заблуди и предрасуди, а одговорот ќе остане во изметот на политичарите во кој живееме со години.

ДУИ се однесува различно во оваа коалиција, но да не заборавиме дека и водечката владејачка партија мина низ тектонски промени во водечката партиска гарнитура, со падот на Љубчо и подемот на Грујо и неговата структура. Значи, трансформациите се видливи и значајни, но за жал, кон полошо. СДСМ дури неодамна влезе во фаза на трансформација на водството, така што рано е да донесуваме заклучоци за нивното идно однесување и третирање на меѓуетничките односи. Тоа што на ова место сакам да потсетам е дека национализмот беше и остана алатка за добивање гласови, а воедно и алатка за одвлекување на вниманието од сопствената неспособност или неволност да се решат вистинските проблеми на граѓан(к)ите на Македонија.

Да продолжам, во овој период (Грујо-Али), се забележува организирано етничко насилство и екстремизам кој се промовира во медиумите и социјалните мрежи. Воедно, тој екстремизам е очигледно охрабрен токму од институциите на државата, односно владата (најточно – партијата, сѐ друго изгуби смисла и значење).

Оружјето е многу поприсутно, а екстремното физичко насилство имаше за последица низа фатални последици во изминатите неколку години. Честите демонстрации имаат видливо организиран националистички и милитантен карактер и често завршуваат со екстремно насилство.

Од една страна, охрабрувањето на насилството и тензиите доаѓа како последица на нефункционирањето на клучни институции на државата, институции каде што токму тоа треба да биде определба и стратегија – да се изгради земја во која секој граѓанин-ка ќе се чувствуваат достоинствено и безбедно.

Но, неволјата не завршува тука. Токму институциите го охрабруваат, па дури и формално/неформално го поттикнуваат и спонзорираат национализмот и шовинизмот особено меѓу младите. Екстремизмот најде свое засолниште во разните навивачки групи, но и граѓански иницијативи, а особено во политичките подмладоци. Да не останам должен да кажам што мислев со клучни институции. Мислам на областите на делувањето на институциите кои спаѓаат под надлежност на ресорите образование, култура, правда, внатрешни работи, но и во низа други, каде национализмот или се толерира или е видлив концепт на политики и практики.

Национализмот е распротранет насекаде, без засега видливи институционални напори да се сопре епидемијата на омразата. Ако не припаѓаш на некое стадо, тешко тебе. Ако си мост меѓу различните, ти си прв на мета и од двете страни. Ако си дел од помала етничка заедница, побрзај да се додвориш на некоја од поголемите, да не те однесе водата. Ако не мразиш, предавник си.

Print Friendly, PDF & Email