Дискусија: “Женското лице на револуцијата”

Историското значење на 8-ми Март како Меѓународен ден на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, е причината за вечерашната проекција на Dебатното кино: “Контра кадар”.

„Без покрив и закон” е филмот кој ќе се проектира вечерва, по што ќе следи и дискусија на тема: “Женското лице на револуцијата”.

Како што најавуваат од “Контра кадар”, ќе се разговара за поврзаноста на борбата за родова и социо-економска еманципација на жената, за аспектите на вреднување на женскиот труд, за разликите меѓу формите на независна и организирана женска еманципација, за релацијата меѓу академскиот и социо-политичкиот феминизам.

Дебатното кино „Контра кадар“ е создадено од група ентузијасти, уметници, активисти - љубители на филмската уметност, кои организираат општествено-ангажирани настани со филмски проекции и дискусии. По  три години активно делување во Битола, иницијативата речиси еден месец се  развива и во Скопје.

Како и досега, во разговорот се повикани да учествуваат сите присутни. Гостинка на разговорот е Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки  и професор по филозофија, општествена/културна теорија и родови студии.

Мотото на Дебатното кино е: “Во духот на борбата против комерцијализацијата на еманципаторните каузи и размената на култура и знаење, „Контра кадар” не го наплатува, туку напротив, го стимулира учеството во дебатно-филмската субверзија! Со други зборови, искуството на дебата пред големото платно останува БЕСПЛАТНО!”

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian