Да живее 9 Мај!

Две години по крвавиот 9 мај во Диво насеље – Куманово, ЦИВИЛ – Центар за слобода потсетува и повикува на одговорност на институциите и сите политички субјекти во земјата. Ги потсетуваме институциите дека имаат одговорност пред граѓанките и граѓаните на Македонија, за расчистување на овој случај, транспарентно и објективно.

Воедно, ЦИВИЛ уште еднаш упатува изрази на сочувство и поддршка за семејствата на загинатите полицајци и сите засегнати и погодени од оваа трагедија.

По повод овој трагичен настан, ЦИВИЛ истакнува дека живееме во една иронична ситуација. Една од придобивките од авторитарното владеење на Груевски е тоа што ги одржа граѓанките и граѓаните од сите заедници во Република Македонија заедно, сплотени во стремежот кон слобода, правда и демократија. Револтот и стремежот кон демократија е она што ги спои сите заедници.

Ваквата сплотеност се манифестираше во драматичните часови на „малата“ крвава војна во Куманово, на 9 мај 2015 година. Домашната и светската јавност посведочи на премостувањето на етничките разлики и на големиот граѓански протест на 17 мај 2015 година и на бројните протести кои следеа, вклучувајќи ја и Шарената револуција во 2016 година. И во овие месеци, по изборите во декември 2016 година, граѓанките и граѓаните на Република Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, не наседнаа на провокациите од протестите на иницијативата за „Заедничка Македонија“ и насилствата во Собранието.

Наспроти континуираната систематска операција да се внесе раздор и етнички тензии и на тој начин да се владее со страв, закани и насилство, гледаме едно созревање на граѓанството во Република Македонија. Македонското општество созреа, како на политички, така и на општествен план, разви политичка култура која му даде нов квалитет на живеењето во земјата.

Ниту политичките партии, ниту институциите кои се подолго време заробени од до скроро владејачките партии не придонесоа за политичката зрелост на граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Токму граѓанките и граѓаните се носителите на стабилизирањето на меѓуетничките односи. Тие се хероините и хероите на враќањето на слободата и демократијата во земјата.

Патот кон слободна и демократска Македонија е долг и трнлив, и бара многу напори и жртвувања, но тоа неминовно ќе се случи. Слободоумните и продемократски сили, политички свесните граѓанки и граѓани на Македонија го најдоа својот пат од кој нема откажување.

На овој ден го победивме фашизмот во 1945 година. Ќе го победиме и овој денешниов! Среќен 9 мај!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English