Чуден однос кон строгите правила од страна на избирачки одбори

Набљудувачите на денот на гласањето евидентираа флагрантно кршење на Изборниот законик од страна на избирачки одбори, преку повреда на приватноста на гласачите и тајноста на гласањето, читајќи ги на глас матичните броеви и други лични податоци на граѓаните. Фрапантен податок добиен од избирачко место во едно скопско село говори за колективно соучешништво во изборна неправилност на членови на избирачки одбор. Еден член на избирачки одбор на граѓанин му дал две гласачки ливчиња, а по извршеното гласање, ниту еден од останатите членови не приговорил на тоа.

Во неколку случаи бил забележан некомплетен состав на одборите бидејќи некои од членовите го напуштале работното место на одредено време. Други, пак, имале несоодветен и некоректен однос кон надворешните набљудувачи, третирајќи ги како непожелни лица на изборните места, спречувајќи им го пристапот и блокирајќи им ја работата, како и дофрлајќи им недолични коментари. Покрај тоа, членови на избирачки одбори не биле информирани за процедурите и демонстрирале елементарно непознавање на работата на ДИК во однос на акредитацијата на набљудувачите и нивното легитимирање на теренот.

Државната изборна комисија при крајот на минатиот месец во пресрет на претседателските избори, покрај поделените прирачници за членовите на избирачки одбори, изготви и едукативен видео прирачник.

„Основна карактеристика на секое демократско општество е спроведување фер и слободни избори. Само избори кои имаат кредибилитет и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење, придонесуваат за демократски развој на општеството. Обезбедувајќи рамноправни услови за сите учесници во изборите и општо - слободно, еднакво и тајно право на глас за секој гласач, избирачките одбори го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за зголемена доверба во изборниот систем на Република Македонија.

Како членови на избирачки одбор со својата работа токму вие носите дел од товарот, одговорноста, но и заслугите за успешно спроведени избори. На денот на изборите очекувањата од вас се високи. Оценката и валидноста на изборниот процес зависи од вашата работа. Затоа е неопходно да ги спроведете сите пропишани постапки точно како што е утврдено со Изборниот законик и упатствата на Државната изборна комисија.“

Вака започнува описот во едукативниот видео прирачник на ДИК. Се поставува прашањето колку ова видео имало импакт врз членовите на избирачките одбори кои се во првите редови на гласачките места и воедно најодговорни за регуларноста на претседателските изборите спроведени на 14-ти април.

Ви прикажавме само дел од изборните нерегуларности кои директно се однесуваат на избирачките одбори. „Должностите во избирачкиот одбор мора да ги спроведувате независно од надворешни влијанија, одговорно и со добра намера“, велат во видео презентацијата која трае околу 40 минути, а која ви ја пренесуваме во прилог.

Петар Стојковиќ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish