Борјан Јовановски: Медиумите се на најниското цивилизациско дно

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, прашавме неколку видни новинари во земјата што мислат за состојбата со медиумите кај нас. Новинарот Борјан Јовановски од Нова ТВ е убеден дека од 2008 наваму Македонија е на дното во слободата на медиумите.Од осамостојувањето до денес, слободата на медиумите никогаш не била вредност со која Македонија можела да се пофали. За жал, работите од 2008 наваму ескалираат во еден сосема спротивен правец од она по кое би требало да се движат за да се обезбеди слобода на медиумите. Денес сме сведоци на една ситуација кога слободата на медиумите во Македонија е доведена на најниското можно цивилизациско дно – изјавува Јовановски за ЦИВИЛ.

Во последните години Јовановски често беше мета на разни закани и притисоци. Тој со нас ја сподели неговата лична приказна:

Да, на извесен начин јас сум директна жртва на тој растечки тренд на говорот на омразата и во прилог на тоа дека институциите на државата се директни инспиратори на тој тренд. Еве денес од обвинителството стигна известување до мене, Бранко Героски, Сашо Орданоски и Јадранка Костова дека е отфрлено како неосновано нашето барање за покренување постапка против експлицитниот и заканувачки говор на омраза кој го шири лицето Миленко Неделковски – вели Јовановски.


ЦИВИЛ - Центар за слобода покани неколку експерти и уредници да дадат свое мислење за состојбите со слободата на изразувањето и медиумските слободи. Овој серијал е дел од проектот за изборен мониторинг - Напред!, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

 

Print Friendly, PDF & Email