Македонското новинарство во кома

Конференцијата SpeakUp3 во организација на Директоратот за проширување при Европска Комисија е под наслов „Слобода на изразувањето и медиумите“ и ги опфаќа земјите на Западен Балкан и Турција. На вториот панел на конференцијата денеска учествуваше и Боби Христов како претставник на Република Македонија чиј говор го пренесуваме во целост:

„Ви благодарам за можноста да бидам дел од панелистите на овој Форум. Темата е многу предизвикувачка, особено за македонскиот случај. Ќе се обидам да бидам што е можно пократок и попрецизен во мојата дискусија.

Кога ја добив поканата да бидам еден од панелистите и која ја видов темата на третата Speak up конференција, бев во искушение дали да го позајмам говорот на мојата колешка Тамара, која беше еден од панелистите на конференцијата во јуни 2013 и само да го препрочитам? Или бидејќи сум домаќин на дебатна програма, да  направам една видео презентација од  десетиците дебати и панел дискусии што сум ги имал со моите колеги за состојбта со медиумите во Македонија. Ги читав повторно и заклучоците од втората Speak up конференција.

Размислувајќи за тоа сепак, сфатив дека таквиот пристап би бил погрешен. Бидејќи прогресот во поглед на слободата на изразување и слободата на медиумите во Македонија, споредено со последната Speak Up конференција е голем: ако пред две и пол години беше во несвест, денеска македонското новинарство е во длабока кома.

Да. Новинарството во Македонија е мртво. Медиумите, со мали исклучоци, одамна веќе не и служат на јавноста туку на политиката, а пропагандата, а не објективната информација се главниот инструмент на медиумите потчинети на Владата. И тоа е резултат на долгорочна, систематска и добро обмислена владина политика на целосно ставање под своја контрола на водечките медиуми. А таквата нивна лојалност таа ја добива со стотици илјади евра, па дури и милиони – пари од владини реклами кои се насочуваат главно кон медиумите кои и се наклонети на власта.

Таквата констатација ја има и во Извештаите за напредок на Европската Комисија. Претпоставувам дека нема да биде одбегната ниту во Извештајот што го очекуваме деновиве.

Доколку ги прашате властите тие нема да се согласат со ова. Нашиот премиер деновиве изјави дека во Македонија има многу слобода!  За лошите рејтинзи на листите на Фридом Хаус или Репортери без граници претседателот на државата  рече дека се само перцепција. Тие ќе ви  презентираат бројки дека во земјата функционираат 65 приватни телевизии на локално и централно ниво, плус јавниот сервис, десеттици интернет портали. Потоа дека во 2012 година клеветата беше декриминализирана. И дека на крајот од 2013 година како дел од клучните приоритети во Дијалогот на високо ниво со Европската Комисија, беше донесен нов Закон за медиумите согласно препораките на ОБСЕ и соодветните европски директиви. Дополнително ако ситуацијата ја посматрате на ниво на закони  регулација воспоставен е и Медиумски етички совет, како саморегулаторно тело.

Јас овде денеска не можам да известам, не можам да кажам, дека во Македонија има сериозни напади или закани по животот на новинарите – иако имаме и бизарен случај кога на колега дома, пред влезната врата му беше оставен погребен венец. Намален е и бројот на тужби за клевета и навреда. Бројката на тужби против новинарите не е мала, околу 100 постапки с водат во овој момент. Здруженито на новинари има регистрирано повеќе од 40 закани или напади кон новинари во изминатие 40 години. И тоа не е мала бројка.

Но македонското новинарство не страда поради суров терор  или физички закани, или затворање на новинари по затвори од страна на власта. Македонското новинарство е мртво затоа што дел од новинарите дозволија да бидат претворени во слуги на власта. власта тоа го направи без суровост , на многу суптилен начин:

Со пари од буџетот , преку владините реклами ја купи наклоноста на сопствениците на водечките електронски медиумит, кои преку главните уредници наметнувата политика на глорификација на власта и атак и сатанизирање на опозицијата. Јавниот сервис функционира како класична партиска или државна телевизија. Дополнително формирани се и десетина интернет портали , чија единствена задача е исто така да бидат во функција на владината пропаганда.

Состојбата со работничките права само и ја олесни работата на власта во потчинувањето на медиумите. Во најголемиот дел од македонските медиуми Синдикатот како орханизација за заштита на работните и професионалните права се забранува, а власта тоа го толерира . Македонските новинари имаат меѓу најниските плати во регионот, една третина работат без постојан договор. Во такви услови голем дел од новинарите немаат основна егзистенцијална сигурност, поради што се лесна мета за притисок и потчинување.

Соочени со изборот меѓу основна егзистенција и почитување на професионалните стандарди тие се принудени во многу случаи да се одлучат за егзистенцијата, на штета на професионалноста. Во такви околности нема потреба и од цензура, бидејќи имаме плодна почва за нешто многу поопасно ,  а тоа е самоцензурата. Генералната политика на медиумот утврдува што смее ,а што не смее да се објави.

Според истражувањата на Синдикатот на новинари, повеќе од една третина од испитаниците (36 проценти) самите биле жртви или сведоци на ситуација во која новинар морал да потпише туѓ текст . Дел од меѓународните организации, како ОБСЕ го нотираат и проблемот, што во различни медиуми, се забележуваат исти текстови со исти реченици и констатции, а кои најчесто се насочени против опозицикси претставници или поединци кои имаат поинаков став од официјалните владини политики.

Сето тоа доведе до длабока поделеност меѓу новинарите: поголем дел се во таборот поддржувачи на власта, помал дел во таборот поддржувачи на опозицијата. Овие две групи се во буквална меѓусебна војна. Се поприсутен е и феноменот на говор на омраза – пишување текстови, подготвување цели тв емисии или користење на социјалните мрежи за оцрнување на новинари и поединци кои се критични кон власта. Критиката не се прифаќа. Да се критикува власта значи дека веднаш ќе бидете прогласен за предавник, платеник на опозицијата или соросоид – што е омилена формулација на владините поддржувачи. Меѓусебните дискфалификации се единствениот дијалог меѓу македонските новинари.

И тука нема простор за објективност и професионаност. Владее принципот – ако не си со нас , тогаш си против нас. Морам да признаам дека постојат дури и тенденции и кај дел од проопозициски настроените новинари или онои критични кон власта, да се атакува на медиуми, како што е Телевизијата од која јас доаѓам која јавно прокламираше неколку пати дека нема да биде инструмент ниту на власта ниту на опозицијата. Ние добивме јавни повици дека сега не е време да се биде во средина, дека мора да се фати страна.

Сето ова е познато и нотирано и во многу извештаи на релевантни меѓународни организации. Но, ситуцијата само се влошува и се чини дека светло на крајот од тунелот нема. А времето за акција не е денес, туку крајниот рокистече вчера.

За жал, ниту Европската Комисија ставајќи ја слободата на медиуите во фокусот на процесот на пристапување не успеа да смени многу. Има две причини за тоа :

  • Прво, функционерите во Брисел многу често досега, а и сега, кога се соочени со изборот меѓу стабилноста и степенеот на демократија во регионот, како поприоритетна на ја одбираат стабилноста
  • Второ, иако слободата на медиумите е високо поставена во агендата на процесот на пристапување, инструментите на влијание врз властите се очигледно несоодветни. Најчсто целата проблематика, која е многу комплексна се сведува на принципот на чекинг листа – дали и кои закони се донесени и колки се во согласност со Европските регулативи. Најдиректен пример за тоа во мојата земја е постојниот нов закон за медиуми, на пример е донесен како дел од Дијалогот на високо ниво, со европска помош и под европски патронат. Тој закон е усогласен и со европските регулативи, но не ги реши клучните проблеми и предизвици пред кои и натаму се соочува Македонија, а тоа се:

- недостаток од независност на јавниот сервис

- недостаток од независност на регулаторнотот тело, Агенцијата за медиуми  и

- спречување на политичките влијанија врз уредувачката политика во медиумите и инструментализациј на медиумите во партиски цели

- проблемот со работничкие права никој и не го третира, како да не постои, иако е дел од суштината на решението

(Ќе бидам и многу подиректен. Финалниот текст на овој закон и покрај обидите за консултација на поширок круг чинители, беше утврден на полноќ ден ред посетата на Скопје на поранешниот ерокомесар Филе, а се со цел да се покаже дека има некаков напредок.)

Трето, финансиската помош за поддршка и промоција на медиумските слободи е погрешно насочена, во случајот на Македонија најчесто кон невладини организации кои немаат никаква допирна точка со медиумите, наместо кон самите медиуми.

Speakup порасна, стигна до број 3. Доколку сакаме да одбегнеме и на следната конференција да ги повториме истите констатции дека ситуацијата е полоша, наместо да се подобрува, сметам дека она што е неопходно не се само заложби,декларации и стратегии туку конкретни политики и мерки, ориентирани кон резултати. Во случај на македонското досие тоа би биле конретни мерки со кои ќе се гарантира :

  • Надминување на лошата состојба со неочитување на работничките права
  • Департизација департизација на јавниот сервис и деполитизација на регулаторните тела
  • Транспарентни правила за дистрибуцијата на владините реклами

Тоа се клучни чекори без кои нема надеж дека македонското новинарство може да излезе од партиските стеги. А крајниот рок нешто да се преземе беше вчера, не е денеска.“

 

Print Friendly, PDF & Email