Апаратчици на криминалната машинерија

Една активистка утрово сподели со нас една случка. Додека си одела дома, еден човек подзастанал и и се заканил дека ќе ѝ ја искрши и другата нога, само ако продолжи со својот активизам. Таа неодамна ја повреди ногата по пад од велосипед. Ликот и е познат, го гледала низ населба. Беше вознемирена. Со право...

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

Со години среќавам луѓе што споделуваат слични искуства со мене за отворени закани по нивниот и по животот на нивните блиски. И тоа го прават луѓе од истите соседства, релативно познати едни на други, луѓе кои се среќаваат на улица или в дуќан, децата им одат заедно на школо... И тоа се луѓе кои ќе останат во близина и тогаш кога оваа земја ќе се нормализира. Новинари и дипломати често ме прашуваат дали има начин да се спречи дивјачкото однесување на партиската солдатеска. И дали воопшто има докази дека насилништвото е нарачано и диригирано од партиските центри.
Насилништвото не мора секогаш да е под команда и контролирано. Напротив, за тоа да се случува, доволно е охрабрувањето од институциите и однесувањето на структурите на моќта во едно општество. Ако лидерот на владејачката партија се служи со говор на омраза, ги сатанизира и дисквалификува своите политички опоненти, се заканува со клоци од јавната говорница, а во разговорите со своите најблиски соработници нарачува шлаканици - што можеме да очекуваме? Само заострување на меѓучовечките односи. Кога власта дава пример, него го следат тие што се манипулирани, а уште повеќе, оние што на различни начини зависат од таа власт.
Ако полицијата и обвинителството не преземаат ништо за да го спречат политичкото насилство, тоа станува општоприфатен модел на однесување. Неказнивоста е нешто што се смислува, планира и спроведува. Насилството не мора да се контролира, туку институциите се тие што се ставаат под партиски канџи. Тоа е повеќе од очигледно. Најдобар доказ за тоа, веќе сосема добро познато и во нашата и меѓународната јавност, се сите случаи и пријави за насилство и говор на омраза кои останаа во фиока. А политичкото насилство продолжи до денешен ден.
handcuffs C2Што ќе се случува во претстојните стотина дена до изборите? Не мора ни да се јавите кај гатачката на бившиот премиер за да претпоставите дека политичкото насилство ќе се интензивира. И за тоа не мора да постои посебна наредба, туку нервозата кај власта ќе премине на поширок круг зависници од нејзината „милост“. Закани, па и директното, физичко насилство ќе зачестат и ќе му дадат уште еден белег на овој период.
Луѓето што посегнуваат по насилство се оние што се убедени, поточно, манипулирани од власта и медиумите дека нивните работни места, егзистенцијата и животниот простор ќе им бидат загрозени. Тие се убедени дека, всушност, го бранат заслуженото и дека некој ќе дојде да им го одземе. Со мали исклучоци, многумина не разбираат дека тоа што го добиле веќе им припаѓало, дека немаат обврска да го сметаат за милост и подарок. И затоа, дел од нив се подготвени да паднат на ниски гранки, да се понижат и засрамат себеси и семејствата и да се служат со нискости и насилство. Насилниците се, всушност, за жалење.
Но, без оглед на тоа, нивните постапки кои за сега поминуваат неказнето мора да се забележат и да се санкционираат. Кога тогаш, правдата ќе види светлина во оваа намачена земја. Тогаш, сите што биле зли и насилни, сите што ѝ се препуштиле на глупоста и грубоста, ќе одговараат пред судот на јавноста, но и на правдата. И ќе бидат обележани и запомнети како апаратчици кои работеле во полза на една криминална машинерија. Затоа, мора сѐ да се забележи и документира. Има каде, доволно е да се свртите околу себе. Погодувате, говорам за граѓанските организации, нема потреба повеќе да зборувам за ова.
Не смееме да дозволиме да паднеме во ропството на криминогените умови кои политиката ја користат за грабеж и садистичко уживање во моќта. Не смееме да ја пропуштиме шансата да им помогнеме на општеството и државата да се спасат и да застанат на нозе. За тоа е одговорен секој од нас. Нема неважни луѓе. Сите се подеднакво важни овие денови. И не смеат да си го дозволат луксузот да молчат.
А тоа го плаши и разнишува системот кој им греши на луѓето. Криминалците се жестоки кога ќе ги фатите на дело. Но, и многу исплашени. Тоа е позната приказна која постојано се повторува и се докажува, одново и одново. Да, драги мои, овие денови најскап е молкот. И највисоката цена на тој молк ја плаќаат токму оние кои молчат. Но, и сите ние заедно со нив. Затоа, треба секој да ѝ даде гласност на стремежот за слобода. Тогаш, апаратчиците ќе молкнат.


 

 

Објавено во ПЛУСИНФО.

Print Friendly, PDF & Email