Ефтина приказна „а ла Спасов“

Главна улога: Дополнителен министер Д. С.

Споредни улоги: Девојката и Возачот

Дејство: Октомври-ноември 2016

Локација: Скопје, некаде на Балканот

Жанр: Драма, трагикомедија

Режија: ВМРО-ДПМНЕ

Продукција: Провладини мегафони

Аудиториум: Тажниот македонски народ, кој послушно го следи Пастирот.

Секоја поврзаност со реалноста е намерна!

Призма: ЦИВИЛ Медиа, 2016

_DSC0092

Пишува: Моника Талеска

Дополнителниот министер за труд и социјална политика Д.С. со службено возило на Агенцијата за вработување, марка „Туарег“, во доцни часови околу полноќ, во викенд, во придружба на своја пријателка -Девојката, движејќи се низ скопските сокаци удира во еден, а набрзо потоа, и во друг автомобил.

Исплашен од последиците, ја остава Девојката и бега од местото на настанот, иако дотогаш за приватни цели и интереси, незаконски го користел возилото на АВРМ, што не смеел ниту законски да го користи. Ја загрозил безбедноста на патниците и направил материјална штета, трошел пари од МТСП за возилото на АВРМ, ѝ избегал на полицијата, ја спречил полицијата да ја утврди неговата психофизичка состојба. Потоа, поттикнал друго лице, Возачот, вработен во МТСП, но не како негов возач, да ја преземе одговорноста.

Македонската јавност се крева на нозе. Дополнителниот министер исчезнува од политичката сцена, не доаѓа ниту на работното место. Не одговара на повиците на медиумите. Бура од критики, адресирани на сметка на власта и на неговите „старатели“ - не прекинуваат. Избива вистинска ерупција на политичката и медиумска сцена.

Девојката и Возачот, во меѓувреме, ги менуваат изјавите. Девојката првин изјавува во полиција дека била совозач на Д.С. и дека тој го напуштил возилото, откако ги предизвикал сообраќајните несреќи. Потоа, изјавува дека тој не управувал со возилото. За третиот пат, да каже дека поради силен стрес мора да даде нова изјава, според која, Д.С, управувал со возилото, но не предизвикал сообраќајна несреќа, туку нив им се заканувале непознати лица.

Ова се случува, кога партиската машинерија на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот PR, анализираат и конклудираат дека медиумската драма е вистинска трагедија и дека многу негативно ќе реперкуира врз партиската гласачка сметка. Затоа, преку ноќ одлучуваат, Д.С. повторно да има главна улога во медиумската продукција на провладините медиуми. Сценариото е одлично научено „напамет“ по патернот на Пастирот, па во следната епизода, Д.С. тврди дека тој управувал со „Туарегот“, дека со него била Девојката, дека го нема Возачот, дека има разбојници кои со пиштоли го нападнале, дека тој не е воопшто виновен, туку министерот за внатрешни работи О.С. и опозиционата СДСМ, имаат намера да креираат лаги и невистини, за да го одземат бонусот што ВМРО-ДПМНЕ и Д. С. го заслужуваат без поговор, особено на следните избори...

Драмата станува трагикомедија.

Констатацијата е дека, сепак, кај голем дел од гласачкото тело, особено, кај неосвестените послушници на партијата овој нус-производ, дури и лагите продуцирани од машинеријата на ВМРО-ДПМНЕ кои немаат крај, ќе бидат одлично прифатени, ако се вака сервирани.

Ова сценарио потврдува дека во Македонија нема реформи, ниту во системот, ниту во институциите, најмалку дека нешто се сменило во ВМРО-ДПМНЕ или има тенденции за конструктивни промени. Ова сценарио е потврда дека од потпишувањето на Договорот во Пржино, всушност нема реформи во провладините медиуми. Ова сценарио е потврда за ригидниот владин курс, за огромната дволичност на владејачката партија и нејзините репрезенти на сите преговори на пржинската маса, каде го ставија и потписот на Договорот, чија доследна имплементација треба да ги отвори портите на Македонија, кон демократијата, кон Европа, прозорците од каде ќе патува ехото, до сите иселени граѓани за да се вратат назад, да ги запалат огништата, да ја пишуваат повторно иднината, овој пат во земја каде сонцето навистина грее од сите страни.

Македонија со оваа трагикомедија, заснована на лагите на ВМРО-ДПМНЕ, потврдува само дека е земја на самракот, дека овде иднина со оваа власт - нема, дека сѐ се заснова на невистини, фингирана реалност, на интереси, дека моралот е само мисловна именка, дека огромна е непочитта на оваа власт кон своите граѓани, зашто на секој можен начин им го потценува интелектот...

Кога на сето ова ќе се акцентира фактот, дека целата партиска машинерија се ангажира за да го „спаси“ Спасов, поточно да ефектуира бонус и оваа мизерија и квазиполитичка игра да ја сведе на обвинувања и клевети на СДСМ..., што уште да се очекува?!!

Време е за радикални промени. Време е македонската политичка сцена да се исчисти од квазиактерите, време е дејството да се случува со професионалци, во современа Македонија, на закажаниот тајминг, 11-ти декември. Аудиториумот тогаш, треба само со едно движење да го закружи крајот на оваа маскарада, која има тенденција да ја проголта иднината на една држава на Балканот, каде сé уште живее еден мал народ, кој сé уште се бори да го зачува својот идентитет и достоинство, се бори да опстане, под јаремот на квазиполитичари, врвни лажговци, синоними за бесрамност и бескрупулозност, подготвени на секаква нечовечност, само да ја задржат власта и моќта, жезолот и камшикот во рака.

Останува неизвесноста за Македонија, со и по имплементацијата на Договорот од Пржино. Ќе стане ли и Македонија „ефтина приказна“ по сценариото на власта или ќе се спаси, подавајќи ги рацете кон демократијата, од длабокиот бунар во којшто тоне?!

 

Print Friendly, PDF & Email