Македонска Каменица: Текстилни работници се изборија за своите права!

Дали денешниот штрајк на текстилните работници/чки во Македонска Каменица со позитивен исход за штрајкувачите, што беше реткост последнава деценија, го буди оптимизмот за евентуална предизборна промена на ставовите, барем на дел од сопствениците и менаџерите, во поглед на овозможување на законски пропишаните работнички права?

Трите потресни интервјуа, кои ЦИВИЛ Медиа минатата година ги сними во рамки на проектот „Социјална правда, сега!“, за жртвите што текстилните работници/чки од Штип мораат секојдневно да ги поднесуваат за да ги обезбедат ниските плати кои им овозможуваат минимум егзистенција, беа своевидна илустрација на вистинската состојба со незаштитеноста на човековите  и работничките права и за експлоатацијата и непостоењето на социјалната правда. Тие разговори, како да беа и своевиден шлагворт за граѓански новинар од Штип, да ни испрати текст за позитивната разврска за група текстилни работници/чки од Македонска Каменица, во борбата за остварување на нивните работнички права.

Тешките услови за работа, немањето слух и интерес на сопствениците за загрозувањето на здравствената состојба на работниците/чките кои работат во такво опкружување, неплатената прекувремена работа, превоз и храна, секојдневните уцени со откази, навредите и заканите..., за кои и досега сведочеа текстилните работниците/чките, конечно доживеаја и еден случај на позитивна разврска. Барем за текстилните работници/чки од ДООЕЛ „Матеа“, конфекција од Македонска Каменица.

Како што известува граѓанскиот новинар, Горан Трајков од Штип, денеска 148 вработени во оваа текстилна фирма, со штрајк се избориле за своите работнички права, со поддршка на граѓанското здружение „Гласно“.

14389807_1154714357928877_857359229_n

Незадоволството кај вработените утрово ескалирало откако не им бил исплатил целосниот износ на плата за месец август, односно, им биле исплатени минимални средства од 2,500 до 3,500 денари за 200 работни часови, што не е согласно со Ззаконот за работни односи. Условите за работа, според изјавите на вработените, инаку се многу лоши, се работи во простории во кои температурата достига и 50 степени Целзиусови, без обезбеден оброк, со прекувремена работа и некоректен и нечовечки однос од контролорите и шефовите на смена.

Сите вработени по колективниот одмор од 9 до 19 септември, добиле соопштение дека за оваа календарска година го искористиле годишниот одмор кој им следувал. Договорите за годишен одмор биле принудени да ги потпишат - бланко.

По консултација со претставници на здружението „Гласно“, работниците повеле постапка за помирување, за заштита на нивните економски, социјални и работнички права.

14409066_1154692097931103_769378213_n

По неуспешниот состанок со шефицата на конфекција во 6 часот наутро, рабoтниците, вработените работниот ден го започнале со штрајк во дворот на фабриката, каде претставници на „Гласно“, заедно со адвокатскиот тим, им укажале на сите работнички права кои им следуваат по закон.

Преку уцени и закани, шефицата и правниoт застапник на конфекцијата се обиделе да го задушат штрајкот, меѓутоа работниците подржани од здружението „Гласно“ се спротиставиле и останале доследни на својот став за продолжување на штрајкот. Според граѓанскиот новинар, правникот им се заканил на вработените дека ако не ги потпишат понудените договори, можат да си заминат и да не доаѓаат повеќе на работа. Но, штрајкот продолжил во дворот, сé до повикувањето на претставникот на здружението „Гласно“ и на двајца претставници на работниците да влезат во канцеларијата на разговор.

На средбата било договорено исплатата на платите да биде извршена во текот на денот, најдоцна до 12 часот, со ултиматум од вработените дека доколку не биде исплатена целосната плата, според договореното, штрајкот ќе продолжи и утре. Вработените побарале и договорите за работа да бидат обновени според Законот за работни односи и со точно пресметување на годишниот одмор во решенијата. Тоа било и остварено. Според информациите на граѓанскиот новинар, конфекцијата ДООЕЛ „Матеа“ извршила исплата, откако работниците се заканиле дека не само што ќе продоложат да штрајкуваат, туку и дека ќе поднесат заедничка тужба ако нивните барања не се остварат.

Но, и покрај поканата, ниту еден од локалните медиуми не го проследил штрајкот, ниту пак, сведочел за извојуваната победа на текстилните работници.


civiv-lenses-logo-en-copy-500x414

Оваа содржина се објавува во рамките на септемврискиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.

Print Friendly, PDF & Email