Ова не се избори за делење функции, туку за симнување на началниците!

Без оглед дали сакаме тоа да го признаеме или не, Македонија е далеку од вистински услови за фер и демократски избори. На 11-ти декември, сите ние повторно ќе се соочиме со изборната машинерија и касапница на началниците. Затоа, додека трае ова политичко затишје пред изборната бура, Младичот со кристалната топка би сакал да повтори неколку пораки за сите оние ќе бидат дел од изборниот натпревар, особено за оние, коишто ќе ги бараат гласовите на граѓаните кои сакаат да ја видат Македонија - демократска и слободна.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Прво: ова не се избори за мандати и функции, ова се избори за симнување од власт на началниците, на недемократската власт на МВРО, ДУИ и другите нивни сателити, вклучително и оние кои се демек, опозиционери, а (ќе) работат за началниците.

Второ: стратегијата на демократските сили, без оглед на етничката, верската, идеолошката или било која друга припадност треба да биде: а) окрупнување; б) победа на избори; в) заеднички потоа, да се зафатат за декриминализација, департизација на државниот апарат, итни легислативни реформи за реституција на човековите права и правната држава; г) апсење на криминалците и правични судски процеси; д) организирање на фер и демократски избори, да речеме по две години, кога, по враќање на општеството во „нормала“, ќе можеме да дискутираме и избираме меѓу идеологии, програми, проекти и слични демократски „финоќи“.

Трето и најбитно: секој кој во овој животен, „да-се-биде-или-не“ натпревар на Македонија за опстанок во лигата на демократските нации ќе одигра поинаку, е веројатно политички дилетант или намерно прави штета. Трето нема. Фрагментацијата на демократските сили, за жал, ќе им даде „пас“ на началниците, иако видно ослабени, сепак, да останат во игра, да продолжат да учествуваат во кроењето на нашите судбини и да нé чинат уште повеќе во секој аспект од животот со нивните гадости.

Играта е почната. Како и во модерниот фудбал, нема да победи оној тим кој има подобри жонглери и „солисти“,  туку оној што ќе биде поподготвен стратешки, физички и психички, тимот што ќе одигра тимски. Набрзо ќе видиме - кој и како ќе се покаже.

 

Print Friendly, PDF & Email