Промовирана публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“

Публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“ во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска беше промовирана во хотелот „Опера Хаус“, на завршната церемонија од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“.

Проектот започна на 1 јули 2015, а заврши со денешната промоција на тријазичното издание на публикацијата на македонски, англиски и албански јазик, во која се застапени само дел од извештаите, анализите и наодите на проектниот тим, набљудувачите и известувачите на ЦИВИЛ, експертите и советниците на ЦИВИЛ од Македонија, Хрватска и САД, како и од сите граѓанки и граѓани кои му веруваа и го поддржуваа ЦИВИЛ во изминатиот период, во напорите за следење на политичкиот процес и за надминување на политичката криза во Македонија. Покрај печатеното издание, објавено е и ДВД со избор на материјали на македонски, албански и англиски јазик.

„Во текот на имплементацијата на проектот, ЦИВИЛ доби над 100 извештаи од долгорочните набљудувачи, над 300 пораки и пријави од граѓанки и граѓани по електронска пошта или на социјалните мрежи за кршење на гласачкото право и за други злоупотреби и нерегуларности, повеќе од 30 поединечни случаи на политички мотивирани притисоци и други нарушувања во образовните установи, над 300 пријави за најразлични недоследности во Избирачкиот список, и над 800 текстови, од кои дел се директни  сведоштва за сериозни прекршувања, објавени од Редакцијата ЦИВИЛ Медиа“, изјави Биљана Јордановска, авторка и членка на проектниот тим на ЦИВИЛ.

Според неа, само мал дел од овие материјали се застапени на 180–те страници извештаи и анализи од вкупниот број на активности кои беа спроведени во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани.

Н.Е. Заменик амбасадор на Германија, Хелге Зандер

Н.Е. Заменик амбасадор на Германија, Хелге Зандер

Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Хелге Зандер, им се обрати на присутните медиуми, претставниците на граѓанскиот сектор, претставниците на политичките партии и на меѓународната заедница, како и на присутните поддржувачи на ЦИВИЛ, и порача дека публикацијата пред сé, треба да се прочита од сите оние кои искрено се загрижени за политичката состојба и иднината на Македонија.

Од аспект на политичката состојба и на медиумскиот мрак, како и за тоа што не очекува во краткиот период до ноември, за кога се претпоставува дека ќе се одреди датумот за избори, зборуваа д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и еден од авторите на публикацијата, Синиша Станковиќ и Џабир Дерала, како автори, но и како дел од тимот кој го спроведе проектот во периодот од јули 2015 – јуни 2016.

Проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ беше поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦМ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian