И списокот со неконзистентни записи е – неконзистентен!

Откако Државната изборна комисија, го објави списокот со неконзистентни записи, кои по вкрстената проверка, веќе четврти ден се проверуваат на терен, на адресата на ЦИВИЛ – Центар за слобода постојано пристигнуваат информации од граѓанки и граѓани кои се на таа листа, а тврдат дека ништо поврзано со нивните лични податоци не е спорно.

Лицето А.Ѓ. од општина Битола, целиот живот со својата фамилија живее во куќа која нејзиниот татко ја изградил, и никогаш никој не менувал место на живеење. И, покрај тоа, нивната адреса е дел од списокот на неконзистентни записи.

Исто така, на лицето С.В. од општина Ѓорче Петров, граѓанин кој редовно гласа веќе 30 годин и никогаш не сменил адреса, не му е јасно според кој критерум станал „сомнителен“ и како се нашол на списокот на оние спорни граѓани кои треба да се проверуваат.

Од друга страна, и ЦИВИЛ направи проверка на дел од големиот број на пријавени неправилности по објавувањето на веб апликацијата за проверка во Избирачкиот список.

Единствениот граѓанин кој е дел од списокот за теренска проверка, а е пријавен во ЦИВИЛ, како фантомски гласач е лицето Б.С. кое според Избирачки список, се води на ул. „Чаирска“ во општина Чаир, адреса на која никогаш не живеел.

Останатите пријави кои пристигнаа на адресата на ЦИВИЛ во изминатиот период, не се предвидени за теренска проверка!.

Примери за тоа се:

Покрај тоа што општина Чаир е „рекордер“ со повеќе од 17.000 илјади неконзистентни записи, сепак лицата Р.С. и Т.М. кои според пријавите кои пристигнаа до ЦИВИЛ се водат на адреси на кои никогаш не живееле, не се дел од списокот за проверки.

Лицата П.И. и  М.И. за кои добивме пријава дека никогаш не живееле во с. Слоештица, не се дел од списокот на неконзистентни записи кои ќе бидат проверувани теренски.

К.Д и К.В. за кои добивме пријава дека според Избирачкиот список се водат на ул. „Кузман Јосифовски“ во Прилеп, во напуштена куќа, не се дел од списокот на записи кој ќе се проверува на терен.

Н.М. за која во ЦИВИЛ пристигна информација дека и покрај тоа што повеќе години е почината, сé уште е на Избирачкиот список, на адреса во општина Карпош.

На ул. „Партизанска“, во Струга, според Избирачкиот список, се водат плус пет лица кои никогаш не живееле таму. Ниту едно од тие лица не се предвидени со теренската проверка.

Ова се само мал дел од пријавите кои пристигнаа во ЦИВИЛ, а кои не се дел од списокот со неконзистентни записи што се проверуваат на терен.

Ова покажува дека во списокот кој го подготвки ДИК, по направената вкрстена проверка, има граѓанки и граѓани кои не треба да се на тој список, и обратно, спорни гласачи и гласачки кои беа пријавени, а за кои не е предвидена теренска проверка.

Државната изборна комисија, врши проверка на 100.436 неконзистентни записи, распоредени на 89.383 граѓани, во сите 80 општини во Република Македонија. На терен моментално работат 727 анкетари.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат да ги пријавуваат неправилностите кои ќе сретнат во списокот за теренска проверка.

Пријавите за фантомски гласачи, како и за други проблеми и нерегуларности, може да се испраќаат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.

ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“„Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.

Марија Теговска

 

 

Print Friendly, PDF & Email