Граѓанските новинари известуваат за злоупотреби и притисоци

Граѓанските новинари кои се ангажираа во проектот „Граѓански објектив“ испратија повеќе информации и стории, како учесници во натпреварот „Биди граѓански новинар!“. Голем дел од текстовите, фотографиите и видео-материјалите сведочат за партиски злоупотреби и притисоци низ целата земја. 

Дел од материјалите кои беа испратени до ЦИВИЛ веќе се објавени, како што е видео прилогот во извештајот од граѓанските новинари од Прилеп објавен под наслов „Партиски закани во Унијата на жени на ДПМНЕ“, како и  фото-сторијата „Прилеп: Партиска пропаганда и манипулација со малолетници“. Останатите стории ќе бидат објавени во текот на оваа недела. Дел од учесниците во натпреварот „Биди граѓански новинар“ сакаа да останат анонимни со намера да го заштитат и идентитетот на своите извори, на што имаат право, според условите на натпреварот.

Накратко за проектот „Граѓански објектив“

ГРАЃАНСКИ ОБЈЕКТИВ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата.

ОПШТА ЦЕЛ на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси.

НАМЕНАТА на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање на фотографски, видео, аудио и пишан материјал кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.

ПРОЕКТОТ ИМА ЦЕЛ ДА ГИ МОБИЛИЗИРА ГРАЃАН(К)ИТЕ да формулираат јавни барања за слободни избори, засновани на доказите и истражувањата на граѓанските новинар(к)и и активист(к)и, преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани. Проектот ќе понуди нови пристапи кон истражувањето на политиките и практиките поврзани со изборите во земјата. Новина претставуваат динамиката, новите стандарди на истражување, анализа и јавно обелоденување на случаите на дискриминација врз основа на политичката афилијација, злоупотребата на јавните ресурси и администрација, политичката пропаганда и говорот на омраза во изборен контекст.

Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.

Print Friendly, PDF & Email