Чингоски сведочи за тешки изборни манипулации

Владо Чингоски, адвокат од Охрид, поранешен функционер на СДСМ, посведочи за тешки манипулации во сите изборни процеси до сега во Република Македонија. Тој изнесе фрапантни податоци за состојбите во изминатите години и сега, за злоупотребите и притисоците, како и за контроверзната улога на различни учесници во изборните процеси. Тој ги разобличи намерите и позициите на поголем дел од присутните во салата. 

Чингоски беше еден од учесниците на Средбата со граѓанките и граѓаните на тема СИТЕ ЗА СЛОБОДНИ ИЗБОРИ во Охрид. Настанот се одржа во големата сала на Општина Охрид, на 30 јануари 2016.

“Јас сум сведок, а овде со мене бил и Зоран Вељаноски во многу изборни циклуси, како член на Oпштинска изборна комисија, сум бил и секретар во 1990, ‘94, ‘96, ‘98, 1999, 2000, 2002, 2005 година, и оттогаш повеќе не сум член во изборните комисии. И знаеме како се гласа. Знаеме како се вршат приотисоци, знаеме како се фалцификувало, не е „бугарски воз“, туку „македонски воз“ е, Бугарите не се попаметни од нас да измислат како се фалсификува, тие се мали деца за нас, и го знаеме сето тоа. Знаеме и за „Магнус“, знаеме и тепање, знаеме сé живо. И сме учествувале, кој активно -кој пасивно, сите сме учествувале.

Овде поентата е дали Вие, како невладина организација, ќе ги пратите изборите, ќе ги констатирате сите тие неправилности и дали ќе дадете објективен извештај до оние на кој што треба да им дадете извештај. А, дека ќе има фер и демократски избори, ќе нема - фер избори, еве ви гарантирам дека ќе нема повторно, затоа што овдека не се граѓани...

Не е ниту Зоран граѓанин, директор е на гробишта, не е ниту госпоѓата граѓанка, директорка е на градинка, не e ниту господинот граѓанин, директор е на градски пазар... Значи, сите сте овдека дојдени во некоја функција. И добро е што тие се организирале, (ве молам, додека зборевте јас молчев), тие се организирале да Ви го направат ова, а што спие СДСМ, нека спијат уште во нивните простории, што можам јас, како можам јас да им помогнам?

Инаку, сиве овде се директори, дури и братучед ми Стефан Џинговски, тој е од ВМРО-ДПНМЕ, дојден е наменски, затоа што е од Капетанијата, капетанот му е тука и тој мора да е тука. Значи, не е тоа проблемот, апсолутно не е проблемот овдека - какви ќе бидат изборите. Ви гарантирам дека изборите нема да бидат ниту од едната, ниту од другата страна, фер и демократски и кредибилни. Меѓутоа, вашата работа е дали ќе можете вие мониторинг да направите, дали ќе можете да направите една добра слика и анализа - дали тие избори се слободни и демократски. Дајте објективен извештај, дали се слободни и демократски, ако тоа не го направите, бадијала е сé овде да се дискутира.

Ние имавме пример со Мост, од Мост рекоа - ние ќе бидеме објективни. СДСМ беа на власт, во Мост сите набљудувачи од СДСМ беа. Сé што беше неправилно на избирачките места, за набљудувачите на МОСТ, немаше никакви проблеми...

Истото го прават сега и ВМРО-ДПМНЕ, тие можат и се инволвираат во МОСТ, се инволвираат набљудувачи, си инволвираат луѓе, и тие после си даваат добри извештаи. Кога ќе се соберат извештаите во Мост (или во ЦИВИЛ), добри се извештаите и тие извештаи се пуштени до вашите надредени, до ОБСЕ или ОДИХР не знам кој....“

(Реакција од присутните од ЦИВИЛ: „Ние немаме надредени„!).

„Имате надредени, јас сум атеист, ама само бог нема надреден, инаку сите ние имаме надредени. И јас се чувствувам дека немам надреден, меѓутоа, кога ќе ме фатат во економска криза, мораш некого да молиш, тоа е факт, да бидеме искрени. Затоа да прекинеме со сите овие дискусии, јас мислев дека вие овдека ќе кажете како ќе го мониторирате овој процес, а верував дека од другата страна, барем ќе има граѓани, а овдека имаме само функционери. Јас морав ова да го кажам, вие како сакате, единствено овдека секретарот на општинското собрание, единствен кажа – ‘јас во овие три години не сакам да вршам притисок на вработените да гласаат’. Тоа можам да го кажам и да го потврдам и да му се заблагодарам, затоа што не беше таков случај, јас кога бев овде. Некој ветуваше дека 3 000 луѓе ќе однесе на митинг, имаше и такви случаи. Ако е така, секоја чест за господинот секретар. Меѓутоа, знаеме дека и во овој момент на терен работат, одат кај болни луѓе и им ветуваат, еве и кај мои роднини отидоа. Така е Стевчо? И му рекоа дека ќе му завршат работа за операција за око, така беше? За перде за катаракта. Значи, имаме случаи дека тоа се врши, а тоа е мито. Тоа е изборно мито...“, го заврши своето излагање Владо Чингоски.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish