Јозиќ - Илековиќ за ЦИВИЛ: Избирачкиот список е предуслов за слободни избори

Александра Јозиќ - Илековиќ, поранешна потпретседателка на Државна изборна комисија на Република Хрватска и актуелна советничка на министерот за јавна администрација, експерт од Хрватска за изборниот законик, даде неколку свои препораки кои се однесуваат на избирачкиот список за постигнување на фер, слободни и демократски избори. Јозиќ-Илековиќ беше дел од експертската поддршка на ЦИВИЛ - Центар за слобода во текот на 2015 година, назначена од Центар за одличност при хрватското Министерство за надворешни и европски работи, заедно со експертите од ГОНГ, хрватска организација со светски углед во сферата на изборното набљудување. 

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Lvcsx_edrhI[/youtube]

Александра Јозиќ - Илековиќ: Во законодавни рамки, генералната оценка за македонскиот изборен законик е апсолутно задоволителна. Причина за тоа е што Македонија ги има имплементирано сите институти од европското изборно наследство.  Меѓутоа, во самата рамка на изборниот законик се воочуваат извесни нејаснотии и празнини.

Она што е воочено како најголем проблем е Избирачкиот список, односно негово ажурирање и средување. Иако според Изборниот законик, Државната изборна комисија (ДИК) ги води избирачките списоци, во пракса има дилема дали за точноста на избирачкиот список е надлежен ДИК или Министерството за внатрешни работи (МВР). Факт е дека ажурирањето на избирачките списоци треба да се темели на податоците добиени од МВР. Сепак, ДИК може тие податоци да ги проверува непосредно.

Изборниот законик нема јасно наведено на кој начин тоа ќе го спроведува. Нагласувам дека Избирачкиот список мора да се доведе во ред, а за тоа е потребно време. Тоа е предуслов за транспарентни, фер и демократски избори, а со кои треба да се овозможи сите гласачи да можат да го остварат своето, со закон, загарантирано гласачко право. Тоа значи дека треба да се земе предвид дека оние гласачи кои немаат важечки лични карти или пасоши, а по претходна проверка на надлежното тело, имаат право на гласање. За жал, македонскиот Изборен законик не ја предвидува таа можност, за разлика од гласањето на дијаспората каде преку активна регистрација се овозможува на гласачите да се регистрираат и на тој начин да го остварат своето гласачко право.

Треба да се предвиди временскиот период пред избори потребен за ажурирање на Избирачкиот список од државните иституции, за да може да се спроведе силна медиумска кампања за информирање на граѓаните за нивните обврски кои требаат да ги преземат, за да можат да го остварат своето гласачко право.

Исто така, потребна е силна ангажираност на државата во средување на фиктивните престојувалишта преку активна соработка со граѓаните за откривање на истите и слични аномалии.

Тука се предлага јавно објавување на бројот на жители на одредена адреса. Тоа треба да го спроведе МВР. Тие податоци треба да бидат јавно достапни на нивната веб страница. На тој начин, граѓаните активно ќе учествуваат и ќе им помагаат на надлежните државни органи во откривање на одредени нерегуларности.

Биљана Јордановска

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English