Политичкиот притисок врз наставниот кадар се засилува

Од јуни до декември, истражувачкиот тим и долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ дојдоа до низа податоци и изјави за тоа како се врши континуиран политички притисок врз наставниот кадар во повеќе основни и средни училишта низ земјава. Поточно, ЦИВИЛ дојде до директни сознанија за тешката состојба на наставниот кадар во пет поголеми општини надвор од Скопје, како и во четири образовни институции во главниот град.

"What have I ever done to make you treat me so disrespectfully?"

"What have I ever done to make you treat me so disrespectfully?"

Наставниот кадар во последните години се наоѓа во сѐ потешка состојба, а притисоците кои се вршат ги доведуваат учителите и наставниците во основните и професорите во средните училишта во крајно понижувачка позиција. Овој извештај се темели на искази и документација кои ни ги дадоа наши бројни соговорници кои инсистираа на тоа да останат анонимни, бидејќи се плашат за своето работно место. Сепак, за признание е тоа што тие се осмелија конечно да проговорат и да ни помогнат да ја разобличиме крајно штетната политика и практика на власта која во целост го партизираше образованието во земјата.

„Со толку површни измени на закони, со толку проекти за секое дете и секој наставник, со толку реформи на Владата, стигнавме до ситуација образованието да ни е во очајна состојба.“ – вели една професорка во средно училиште.

Наставниците се соочуваат со голем број различни дискриминаторски постапки, притисоци, уцени и закани кои, во најголем дел, се засновани на политичката афилијација на жртвите на ваквите практики. Кога се вели политичка афилијација, забележливо е дека голем дел од нашите соговорници се, всушност, политички неопределени, но имаат подеднаков третман како и поддржувачите на опозицијата. Во неколку прилики, нашата екипа доби искази од сведоци кои тврдат дека политички неопределените се ставени дури и под посилен притисок отколку приврзаниците на опозицијата.

Што се однесува до самиот систем на образование, забележлива е состојбата во која, наместо да си ја вршат својата работа, наставниците се пренатрупани со секакви административни обврски, а и се соочуваат со секакви притисоци, уцени и закани. Токму тоа ги поттикна и активностите на наставниците кои ги согледаа погубните образовни политики на власта и побараа да се престане со лошите реформи во образованието. Тие излегоа во поддршка на своите ученици, а голема поддршка добија и од родителите на голем број ученици, што беше евидентно од големите протести кои ги одржуваа кон крајот на 2014 и првата половина на 2015 година.

Но, наместо да им излезе во пресрет на учениците, наставниот кадар и родителите, власта побрза да креира валкана кампања против демонстрантите, а граѓанскиот активизам на наставниот кадар дословно го стави вон законот. Тие наставници кои што се осмелија да застанат зад барањата на учениците за подобро образование и против лошите реформи се соочија со притисоци, казни и груби етикетирања.

„Константно има притисоци, од секаков вид. На пример, после активности на Наставничкиот пленум, кај директорот има прецизен список на учесниците. Директорот ги повикува сите поединечно на разговор во кој на ‘обвинетите’ им се заканува и грубо навредува. Секаков ангажман во пленумот или во некоја од ‘облежаните’ организации како што е ЦИВИЛ е окарактеризиран како предавство, а тие иницијативи и организации се нарекуваат со најразлични имиња како ‘нелегитимни, предавнички, криминални, сороспии, мрачни сили’ и што уште не. И вие морате да стоите и да го слушате тоа“ – сведочи една група наставници во една општина во Македонија.

Поради својата „политичка неподобност“ и „непослушност“ кон партиски поставените раководители во училиштата, наставниот кадар се соочува со казни и отпуштање од работа, непродолжување на договорите за работа, драстично намалување на фондот на часовите, односно на платата. Освен од раководителите, „непослушните и неподобните“ наставници се надгледувани и често се под притисок од партиските војници меѓу своите колеги.

Воедно, сите вработени во образовните институции во кои имаме наши извори, дознаваме дека се под притисок да составуваат листи со „сигурни гласачи“, како што е случајот со вработените во други делови на јавната администрација и јавните претпријатија, како што објавивме неодамна во извештајот под наслов „ЦИВИЛ открива случаи на жесток политички притисок“.

Власта врши контрола и политички притисок преку ресорното министерство, поточно преку Бирото за образование кое спроведува неевообичаено интензивни посети и  инспекции. Вообичаено е таквите инспекции да се најавуваат, но тоа се прави само за „подобните“ наставници, не и на другите наставници.

Според нашите извори, во септември 2015 година, биле разрешени помошници директори и класни раководители во средните училишта, односно им биле одземени класовите, поради поддршката на Средношколскиот пленум.

Истражувачки тим на ЦИВИЛ

 

 

Истражувачкиот тим на ЦИВИЛ располага со голем број извештаи и за други состојби во образованието и низа други форми на политички притисок во образовните институции низ земјава, за што ќе подготви нови извештаи во текот на наредните недели.

Ги охрабруваме наставниците и други засегнати страни да продолжат со своите пријави за политичките притисоци и кршењето на човековите права во образовните институции.

 

 

Сите содржини објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ подлежат под лиценцата Creative Commons 4.0, односно може слободно да се преземаат, споделуваат и преобјавуваат, со линк кон изворот/оригиналот.
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish