ЦИВИЛ открива случаи на жесток политички притисок

Извештаите за дискриминацијата, мобингот и заканите врз основа на политичката припадност се интензивираа токму по склучувањето на Договорот за надминување на политичката криза на 2 јуни и 15 јули 2015 година. Извештаите на ЦИВИЛ – Центар за слобода се подготвуваат врз основа на пријави од граѓанки и граѓани по електронски пат или лично, на состаноци со претставници на граѓанското општество, вработени во јавниот, но и во приватниот сектор, политички партии на локално ниво, на семинарите за обуки и по многу други основи.

Информации за политичките притисоци пристигнуваат од целата земја. Овој извештај е уште еден во долгата низа извештаи и информации кои ЦИВИЛ ги објавува веќе со години и се заснова на повеќе сведоштва за жесток политички притисок во една поголема општина во Република Македонија. Фотографии, видео записи и анонимни изјави од повеќе извори говорат за систематска злоупотреба и притисок врз политичка основа, со цел да се контролира гласачкото тело. Нашите соговорници велат дека очекуваат уште поголеми притисоци во првите месеци на 2016 година, пред изборите закажани за 24 април.

Истражувачката екипа на ЦИВИЛ дојде до фотографии од СМС пораки и списоци на кои треба да се најдат „сигурни гласачи“, како и кореспонденција по социјалните мрежи. Нашите извори се категорични дека сакаат да останат анонимни од страв дека тие и нивните блиски може да се соочат со уште поголеми притисоци, отпуштања и низа други „казни“ предвидени за непослушните.

Вработените во општини, основни и средни училишта, детски градинки, комунални претпријатија и низа други институции на локално и централно ниво се мета на систематска политичка агит-проп обработка.

Бланко формулари за „сигурни гласачи“

Бланко формулари за „сигурни гласачи“

За ЦИВИЛ сведочи и еден адвокат во поголема општина во Македонија, кој вели дека во последно време расте бројот на вработени во јавниот сектор, кои кај него бараат заштита од политичките притисоци од страна на раководниот кадар. Според нашиот извор, вработени во јавните претпријатија изјавуваат дека нивните раководители ги повикуваат во партиските штабови и во општината и дека таму добиваат наредби да им наложат на своите подредени да составуваат списоци со по 5-6 или повеќе политички неопределени граѓани. Оваа „операција“ има цел, да се влијае на неопределените гласачи да гласаат за владејачката партија на изборите во април идната година.

Изворите јавуваат дека овие притисоци се уште поагресивни во споредба со претходните години. Вработените се задолжуваат на раководните лица во јавните претпријатија да им доставуваат списоци во кои мораат да внесат име, презиме и телефон.

На вработените во јавните претпријатија и во јавната администрација, најчесто им се закануваат со бркање од работа или бркање од работа на нивни блиски, вработени во истата или во некоја друга институција или јавно претпријатие. На оние кои имаат договори на определено време им се закануваат дека нема да им ги продолжат. Исто така, вработените кои нема да достават списоци се деградираат или се преместуваат на работни места со што им се отежнува работата.

Политичкиот притисок врз јавната администрација и јавните претпријатија е придружен со најразлични видови дискриминација и мобинг врз вработените, што е спротивно на Законот за администрација, а е кривично дело против Законот за избори и изборен процес.

Мобингот досега има ретки случаи на судска разрешница, така што, единствен начин да го заштитат своето работно место и голата егзистенција за вработените во јавната администрација е да се покорат и да станат соучесници во кршењето на законите, како што им налагаат партиски поставените раководители.

Вработените во јавниот сектор не се единствени жртви на политичкиот притисок. На политички притисоци се изложени и работници во приватните фирми.

Притисоците кои ги трпи приватниот сектор е посебна приказна, во зависност од притисокот што се врши преку Управата за јавни приходи. Како се приближува времето на избори, притисоците ќе се интензивираат.

Не е познато дали некој граѓанин се охрабрил да поведе постапка против политичките притисоци, согласно со законската регулатива.

ЦИВИЛ – Центар за слобода многу пати во јавноста излегува со повик до вработените во јавната администрација да се спротистават на политичките притисоци и да ги пријават ваквите случаи во организацијата.

Истражувачки тим на ЦИВИЛ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish